„Претседателот на ДУИ Али Ахмети, сериозно размислува да се повлече од политиката и е блиску до таквата одлука.“ – објави вчера информативниот портал на албански јазик „Фол“ во својата информација со наслов „Ексклузивно: Али Ахмети се повлекува од политиката по вториот круг?!“
Натаму порталот пишува: Извори во ДУИ укажуваат дека тој веќе им ја соопштил оваа одлука на некои од неговите најблиски соработници, додека се консултирал и со партнери од Албанија и Косово. Се очекува оваа одлука да биде јавно објавена по вториот круг од изборите, за да не им се наштети на кандидатите на Националната алијанса за интеграција, кои се натпреваруваат во вториот круг.
Ахмети не даде никаква јавна изјава ниту во медиумите ниту на општествените мрежи по локалните избори на 19 октомври, на кои Националната алијанса за интеграција на ДУИи Ахмети победи само во Липково и во Пласница. – објави „Фол“.
Наспроти ваквите сознанија на „Фол“ стои веста на информативниот портал на албански јазик „Тетова сот“, блиска до ДУИ, која во текстот со индикативен наслов „ДУИ се мобилизира / Али Ахмети го свика централното претседателство“, објави: Претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети свика состанок на централното претседателство на партијата, кој ќе се одржи денес, на 24 октомври 2025 година со почеток во 13 часот и 30 минути во седиштето на ДУИ во Тетово.
Овој портал дополнува во веста: Се очекува да се расправа за актуелни политички и организациски прашања, како и за најнови случувања партијата и надвор од неа.
Значи, веќе денес попладнето ќе се знае дали навистина Али Ахмети „сериозно размислува да се повлече од политиката по вториот круг на изборите“, или „ќе ја мобилизира ДУИ“ во обид да стори сѐ, со цел да го одложи своето „политичкото пензионирање“?! Деновиве Али Ахмети е изложен на жестоки критики од политичари-Албанци не само од редовите на коалицијата Вреди во Македонија, туку и од Балканот, како и од независни политички аналитичари од албанскиот етникум од Балканот.