Голманот на македонската фудбалска репрезентација, Столе Димитриевски, денеска стапи во брак со својата долгогодишна партнерка Ирина Јанкуловска. Свадбената церемонија се одржа во Шпанија – земјата каде што Димитриевски професионално живее и настапува – во интимен амбиент, далеку од очите на јавноста, со присуство само на најблиските пријатели и семејството.
За овој посебен ден, младенците избраа елегантен и софистициран стил. Ирина Јанкуловска блескаше во сатенски венчален фустан што ја следеше линијата на телото, надополнет со бела крзнена наметка и нежен бидермаер од рози. Столе Димитриевски, познат по својот впечатлив моден вкус, се одлучи за класичен црн костум со два реда копчиња и беспрекорна бела кошула.
Столе и Ирина се во врска околу една и пол година пред официјалното запросување. Таа беше покрај него и за време на потпишувањето на договорот со шпанскиот гигант Валенсија. Иако Димитриевски е неоспорен прв голман на македонската репрезентација, во клупскиот фудбал во Ла Лига минутажата му е ограничена.
И покрај приватниот карактер на церемонијата, парот сподели неколку возбудливи фотографии на социјалните мрежи – моменти пред општинската зграда, во дворот на нивниот дом и во ресторан, каде што се наздравуваше за почетокот на новото поглавје. Ова е во согласност со нивниот досегашен, дискретен, но отворен пристап кон споделување лични радости.