Македонија

Анкетно истражување: Младите од Македонија позитивно гледаат на ЕУ, но се сомничави дека некогаш ќе стане нејзина членка!

Според Бојан Кордалов, директорот за политика и комуникација во Европскиот центар за извонредност – еден од изготвувачите на публикацијата „„Справување со младинскиот евроскептицизам на Западниот Балкан: Случајот на Македонија“, ваквите резултати од спроведената анкета годинава во јуни со илјада млади луѓе од Македонија, главно студенти, се сериозен аларм и повик за акција.
„Ако не им се понудат вистински можности, стабилност и разбирање на младите луѓе во земјите-кандидати за ЕУ, тогаш тие би можеле да престанат да ја гледаат иднината на својата земја во ЕУ!“ – предупреди Кордалов.

Мнозинството млади луѓе во Република Македонија гледаат позитивно на Европската унија, но речиси половина од нив не веруваат дека државата некогаш ќе стане членка на Унијата. Тоа го потврдува растечкиот евроскептицизам кај младите во земјите кандидати за членство во блокот,“ – ова се наведува во публикацијата „Справување со младинскиот евроскептицизам на Западниот Балкан: Случајот на Македонија“.

„Овој јаз меѓу надежта и реалноста, интересот и недовербата, европската идеја и домашните предизвици, ја формира основата на младинскиот евроскептицизам. Затоа е потребна итна партнерски координирана и долгорочна акција во земјите кандидати за членство во ЕУ, што ќе ги препознае младите како креатори, а не само како публика, ќе ги надмине економските и институционалните пречки, ќе ги поврзе младите луѓе со конкретни европски програми, содржини и платформи и ќе ја направи комуникацијата на ЕУ релевантна, двонасочна и отворена.“ – пишува во споменатата публикација.

За потребите на публикацијата кон крајот на јуни 2025 година во соработка со студентската платформа „Студентарија“ е спроведена анкета преку интернет, со која биле опфатени 1.000 млади луѓе од Република Македонија, од кои 81,5 отсто студенти на додипломски или постдипломски студии, како дел од пошироката анализа на ставовите на младите кон Европската Унија, изработена со учество на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУEП) од Скопје, Европскиот центар за извонредност (ЕЦЕ) од Брисел и либералната Фондација „Фридрих Нојман“.

Според анкетата, 41 отсто од младите во земјава „позитивно“ ја перципираат Европската Унија, 24 проценти имаат „негативно“ мислење за неа, додека речиси 35 проценти изразуваат „неутрален“ став кон блокот. Ваквите резултати, како што се наведува во документот, јасно укажуваат дека има простор за проактивно ангажирање и постои недостиг на подлабока поврзаност со вредностите на ЕУ. Кога станува збор за иднината на Република Македонија во ЕУ истражувањето покажува дека 46,5 проценти од испитаниците не веруваат дека таа некогаш ќе стане членка на ЕУ, додека 35,8 отсто веруваат дека членството е можно, но во подалечна иднина. Само 6,7 проценти веруваат дека земјата ќе може да стане членка на ЕУ во текот на следните пет години, додека 11 отсто не знаат или немаат мислење за ова прашање.

Кога станува збор за причините кои ги сметаат за најголема пречка за интеграција на земјата во ЕУ, дури 84,6 отсто од испитаниците ја посочиле „корупцијата“. По неа, со 61 отсто следуваат „билатералните спорови“ и со 60 проценти „ниската доверба во институциите“. Во однос на тоа што буди најголем интерес кај младите во државава во врска со ЕУ, дури 76,2 отсто ги навеле можностите за работа и живот во Унијата.

Публикацијата беше промовирана минатата недела во Брисел, а кон крајот на месецов е предвидена нејзина промоција во Скопје. Предвидено е публикацијата да биде презентирана пред дел од пратениците во Парламентот и пред граѓанскиот и младинскиот сектор во земјата, како и да биде доставена до владините институции и претставници.

„Нетпрес“

Најнови вести од: Македонија

Алиу: Пациентите со ретки болести нема да чекаат ниту ден

Министерот за здравство, Азир Алиу, најави значајна промена во постапката за обезбедување лекови за пациенти со ретки болести – за првпат во државата ќе се отвори тендерска постапка за три години, наместо годишно.

Посебен сообраќаен режим во Тетово, Гостивар и Дебар поради посетата на Бајрам Бегај

Денеска, 28 февруари 2026 година (петок), во Тетово, Гостивар и Дебар ќе важи посебен сообраќаен режим поради завршувањето на тридневната официјална посета на претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај.

Од грабеж до затворска „терапија“: необична мотивација на осудениот Македонец

Окружниот суд во швајцарскиот град Бремгартен изрече пресуда во необичен случај: млад македонски државјанин беше осуден на пет години затвор за серија грабежи и други кривични дела.

ВМРО-ДПМНЕ: СДС се заложници на криминалот, затоа на седницата за пратенички прашања ниту името на Груби не му го спомнаа

Потпретседателката на СДС пак Јованка Тренчевска, отиде до тој степен што посочи дека за еден од случаите во кои се сомничи Груби за сторен криминал, кривични пријави треба да добијат и неговите колеги од тогашната влада“, потенцираат во партиското соопштение.

Итно соопштение од МНР: Не патувајте во Израел, контактирајте ја амбасадата за помош

Во врска со најновите информации за влошувањето на безбедносната состојба во Израел, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира до сите македонски граѓани кои се наоѓаат на територијата на оваа земја внимателно да ги следат официјалните национални портали за итни случаи и строго да постапуваат во согласност со упатствата на надлежните институции.

To top