
Андреас Трајковски, Дарио Ивановски и машката штафета 4х100 метри ѝ донесоа на Македонија по максимални 15 поени со триумфите во своите дисциплини на Европското првенство во атлетика трета дивизија во Марибор.
Трајковски победи во скок во далечина со 7,83 метри, остварен во петтата серија, кога го престигна дотогаш водечкиот Исланѓанец Инги Егилсон за четири сантиметри.
Резултатот е осум сантиметри послаб од личниот и државен рекорд на 32-годишникот роден во Копенхаген, кој на ЕП во сала во Апелдорн стана првиот Македонец што се пласирал во финале на големо атлетско натпреварување.
Ивановски, пак, беше најбрз на 5.000 метри со време 14:04,06 минути, негов најдобар резултат сезонава, за 10,08 секунди полош од неговиот и македонски рекорд во оваа дисциплина, но и за речиси 24 секунди подобар од второпласираниот Балдвин Магнусон од Исланд.
Штафетата 4х100 метри не само што беше најдобра со време 40:89 секунди, туку постави и нов рекорд на Македонија, подобар за 86 стотинки од досегашниот!
Осумнаесетгодишниот Брајан Авиа заврши трет во скок во височина со личен рекорд од 206 см, пет сантиметри подобар од досегашниот и три послаб од победникот Марко Шуковиќ од Босна и Херцеговина.