Се очекува земјите од ЕУ да одобрат значително заострување на европската политика за имиграција, вклучително и поддршка за воспоставување „центри за враќање“ за мигранти надвор од блокот од 27 земји.
Плашејќи се од победа на крајно десничарските партии на изборите, владите низ цела Европа се обидуваат да заземат построг став.
Министрите за внатрешни работи на состанокот во Брисел денеска ќе гласаат за прв пат за серија мерки презентирани од извршната власт на ЕУ оваа година за заострување на правилата за пристигнување и враќање на мигранти.
Што би подразбирале мерките, доколку бидат усвоени:
Отворање центри надвор од ЕУ за испраќање мигранти чии барања за азил се одбиени, таканаречени „центри за враќање“.
Построги казни за мигрантите кои одбиваат да ја напуштат европската територија, вклучително и подолги периоди на притвор.
Враќање на мигранти во земји различни од нивните земји на потекло, но кои Европа ги смета за „безбедни“.
Намалувањето на бројот на нелегални влегувања во Европа за околу 20 проценти досега оваа година во споредба со минатата година не го намали притисокот за дејствување по ова политички експлозивно прашање.
Овие најнови предлози доаѓаат само неколку месеци откако ЕУ усвои нов закон за миграција кој ќе стапи на сила во јуни.
Новите иницијативи предизвикаа негодување кај активистите кои работат со мигранти.
„Наместо да инвестира во безбедност, заштита и вклучување, ЕУ избира политики што ќе турнат уште повеќе луѓе во опасност и правна неизвесност“, рече Силвија Карта од PICUM, невладина организација која обезбедува заштита за недокументирани мигранти.
Но, под поттик на Данска, која претседава со ЕУ и долго време се залага за овие мерки, земјите-членки постигнуваат брз напредок.
Дипломат на ЕУ за АФП изјави дека постои „широко призната политичка волја“ меѓу лидерите на блокот да продолжат со овие дополнителни чекори.
„Правиме многу брз напредок“, рече дипломатот, зборувајќи во име на други под услов да остане анонимен.
Но, некои во блокот остануваат скептични.
Франција ја доведе во прашање легалноста и ефикасноста на некои од предлозите, додека Шпанија не е убедена дека „центрите за враќање“ ќе функционираат, по неколку неуспешни обиди од други земји.
Иако голем дел од фокусот денска ќе биде на новите предлози што ќе се протуркаат, ќе има и тешки разговори за распределба на најмалку 30.000 баратели на азил според неодамнешните законски измени.
Овој потег е дел од новиот систем на „солидарност“ за да се помогне во ублажувањето на притисокот врз земјите што доживуваат голем број пристигнувања, како што се Грција и Италија.
Од другите земји на ЕУ се очекува да примат баратели на азил или да придонесат со 20.000 евра по лице за земјите под притисок.
Но, со оглед на тоа што владите низ целиот блок се повикуваат да ги заострат политиките за имиграција, помагањето да се примат повеќе баратели на азил е полно со политички ризик.
„Малкумина се министрите за внатрешни работи кои ќе сакаат да излезат пред печатот и да кажат: „Добро, примив 3.000“, изјави за АФП европски функционер.
Сепак, ЕУ е под притисок да постигне компромис за преместување, а времето истекува за да се донесе конечна одлука до крајот на годината.