Србија има обезбедено доволно керозин, мазут, дизел и бензин најмалку до 15-ти, а можеби и до 25 јануари. Ова го истакна српскиот претседател Александар Вучиќ, обидувајќи се да ги смири граѓаните по информациите за проблемите со нафтената индустрија.
Иако државата веќе 70 дена функционира без увоз на нафта, Вучиќ тврди дека енергетскиот систем е стабилен и дека нема причина за паника пред претстојните празници.
Сепак, тој призна дека ситуацијата е исклучително комплицирана. Клучниот проблем лежи во статусот на НИС (Нафтна Индустрија Србија), за што Белград следната недела ќе испрати итни барања до американската канцеларија за контрола на странски средства (ОФАК) за добивање оперативна лиценца.
„Доволно керозин, мазут, дизел и бензин обезбедивме најмалку до 15 јануари, можеби и до 25 јануари. Никој не треба да се грижи, имаме безброј технички проблеми и маки, но државата знае како да ги реши тие проблеми“, рече Вучиќ.
Тој е категоричен дека државата нема да дозволи колапс на енергетскиот сектор.
„Сакам да им се заблагодарам на сите луѓе во Србија за тоа што ја изградија држава која е во можност веќе 70 дена да издржи без капка нафта и да покаже колку е стабилна, колку е сигурна. Ние ќе продолжиме со нашата работа, а вие граѓаните подгответе се за новогодишните и божиќните празници во целосен мир. Ќе имате доволно од сè што е потребно. Ако оди на подобро или полошо, во блиска иднина од нас ќе добивате навремени информации“, порача Вучиќ.