Tramp минатата недела навести можност за промена на режимот на комунистичка Куба под водство на Америка, нарекувајќи го островот „нација која многу лошо пропаѓа“.
Тој изјави дека „Куба е подготвена да падне“, предупредувајќи ја оваа земја дека повеќе нема да добива нафта ниту пари од Венецуела
Венецуела е најголемиот снабдувач на нафта за Куба со околу 35.000 барели нафта дневно на островот.
Меѓутоа, откако САД го заробија Николас Мадуро, Трамп изврши притисок врз привремената претседателка Делси Родригез да ја испраќа венецуеланската нафта во САД.
Вчера, Трамп порача дека „повеќе нема да има нафта ниту пари кои одат за Куба“, велејќи ѝ на таа земја да склучи договор со САД. Во објава на својата мрежа Truth Social, Трамп напиша:
„Куба со години живееше од големи количини нафта и пари од Венецуела. За возврат, Куба обезбедуваше ‘безбедносни услуги’ за последните двајца венецуелански диктатори, но повеќе не! Повеќето од тие Кубанци загинаа во нападот на САД минатата недела, а на Венецуела повеќе не ѝ е потребна заштита од силеџиите и уценувачите кои со години ги држеа како заложници. Венецуела сега ги има Соединетите Американски Држави, најмоќната војска на светот (убедливо!), да ги штити, и ние ќе ги штитиме. Повеќе нема да има нафта ниту пари кои одат за Куба – нула! Искрено им сугерирам да направат договор, пред да биде премногу доцна.“
Претходно во неделата, Трамп сподели објава во која се сугерираше дека американскиот државен секретар Марко Рубио, чии родители се со потекло од Куба, би можел да стане претседател на Куба. Трамп ја сподели таа објава, во која пишуваше „Марко Рубио ќе биде претседател на Куба“, со коментар: „Мене ми звучи добро!“
Неговите забелешки доаѓаат една недела откако американските сили го „фатија“ авторитарниот лидер на Венецуела, Николас Мадуро, во операција во Каракас, во која загинаа десетици припадници на венецуеланските и кубанските сили за безбедност.