Бизнис

(Видео): Македонија се задолжи милијарда евра преку нова еврообврзница

Голем интерес што се вреднува со износ од над четири милијарди евра пројавија меѓународните инвеститори за десеттата еврообврзница емитувана во две транши по 500 милиони евра што ја издаде Министерството за финансии. Eврообврзницата е согласно со напорите на Министерството за финансии за адекватно управување со јавниот долг и да се одржи стабилноста на јавните финансии на среден и на долг рок. Државата стана првата земја во регионот и прва земја надвор од Европската Унија што излегува на меѓународниот пазар на капитал, што сведочи за довербата во напорите на Министерството за финансии, особено имајќи го предвид износот на задолжувањето.

Министерството за финансии реализираше издавање на 10 еврообврзница, со што државата обезбеди средства под едни од најповолните каматни услови во последните дваесет години. Според министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, ваквиот резултат е јасна потврда за довербата на меѓународните инвеститори во економските политики и стабилноста на земјата.

  • Каматните услови што ги обезбедивме се меѓу најповолните во регионот и пошироко, што дополнително ја зацврстува позицијата на државата како стабилен и кредибилен издавач на меѓународните финансиски пазари – изјави Димитриеска-Кочоска.

Еврообврзницата е издадена во две транши од по 500 милиони евра, со рок на достасување од 4 и од 8 години. Каматната стапка за четиригодишната транша изнесува 3,875 проценти, а за осумгодишната 4,75 проценти, што претставува најтесна каматна маргина во однос на референтниот еурибор во споредба со сите државни издавања во последните дваесет години.

  • Особено значајно е што успеавме да пласираме осумгодишна еврообврзница – достасување што последен пат беше постигнато пред повеќе од 20 години. Тоа е силен сигнал за довербата во економските политики, реформската агенда и стабилноста на државата – истакна министерката.

Интересот на инвеститорите бил исклучително висок. Само еден час по објавувањето на почетните каматни стапки, побарувачката достигнала околу две милијарди евра, а пред отворањето на американскиот пазар, надминала три милијарди евра. По неговото отворање, понудата пораснала на повеќе од четири милијарди евра, со интерес од над 150 глобални инвеститори од Европа и од САД.

Министерката нагласи дека одлуката за задолжување е донесена врз основа на внимателна анализа и со јасна одговорност кон јавните финансии.

  • Нашата цел не е само редовно сервисирање на обврските туку и создавање одржлива и стабилна фискална рамка, со помал притисок од отплати и со повеќе простор за суштински реформи – рече Димитриеска-Кочоска.

Како дел од стратегијата за намалување на фискалниот товар, Министерството за финансии ќе реализира и предвремен откуп на еврообврзницата што достасува во јуни 2026 година. Со средствата обезбедени преку оваа еврообврзница, планирана во буџетот за 2026 година, ќе се изврши исплата на еврообврзницата издадена во 2020 година, во износ од 700 милиони евра, а другите средства ќе бидат насочени кон финансирање на буџетскиот дефицит и кон развојни проекти.

  • Иако номиналниот износ на задолжувањето изнесува една милијарда евра, нето-ефектот врз јавниот долг е значително понизок и целосно усогласен со среднорочната фискална рамка – нагласи министерката, додавајќи дека ова издавање има јасна улога во рамномерното распределување на достасувањата и во намалувањето на ризиците во наредниот период.

Издавањето на еврообврзницата е согласно со напорите на Министерството за финансии за адекватно управување со јавниот долг и да се одржи стабилноста на јавните финансии на среден и на долг рок. Државата стана првата земја во регионот и прва земја надвор од Европската Унија што излегува на меѓународниот пазар на капитал. Во 2026, вкупните обврски за отплата на домашниот и на меѓународниот пазар изнесуваат околу 1,563 милијарди евра, во 2027 година 1,579 милијарди евра, во 2028 година 1,971 милијарда евра, во 2029 година 1,304 милијарди евра, а во 2030 година 1,414 милијарди евра или вкупно за пет години 8,804 милијарди евра. Токму затоа, потенцираше Димитриеска-Кочоска, ова издавање има јасна улога во рамномерното распределување на достасувањата и во намалувањето на ризиците поврзани со концентрацијата на отплати во одделни години.

Најнови вести од: Бизнис

Крај на евтиниот одмор: Колку чини една ноќ во Охрид, Струга и Дојран

Охрид, Струга и Дојран и ова лето остануваат меѓу најбараните домашни туристички дестинации, но цените за сместување јасно покажуваат дека одморот во Македонија веќе не е толку достапен како порано.

(Фото): Горивата поскапеа, но што велат експертите – Има ли оптимизам за стабилизација?!

Минатата недела Народна банка ја ревидираше проекцијата за инфлација на 4%, наместо претходно очекуваните 2,5%. И послабиот економски раст е резултат на поскапите енергенси. Овие бројки се темелат на оптимистичко сценарио дека војната ќе заврши брзо и нафтата до крајот на годинава ќе се продава по 80 долари за барел.

Клик, па колапс: Измамата „Конти“ собрала 15 милиони евра од граѓаните

Македонецот често нема доверба во институција, но има огромна доверба во „човек од народот“. Ако банка предупредува, тоа звучи како бирократија. Ако финансиски експерт објаснува дека принос од 5 насто неделно не е возможен, тоа звучи како ароганција. Но, ако соседот покаже screenshot од трансакција, тогаш математиката престанува да биде важна.

ТИТАН Усје одбележа две години од „Иноваториум“ – едукативен центар за развој на дигитални и инженерски вештини кај младите

ТИТАН Усје повеќе од 70 години е дел од заедницата, а преку програмата „Партнерство со училиштата“, која се реализира од 2009 година, компанијата континуирано инвестира во подобри услови за учење и развој на учениците

To top