Македонија

Грчка клиника организирала ин-витро консултации во скопски хотел, Министерството за здравство со вонреден инспекциски надзор

Овие средби биле најавувани преку социјалните мрежи и форуми, а следната била закажана за 7 февруари 2026 во Скопје, но била откажана откако приказната добила медиумски интерес и била префрлена онлајн.

Грчката клиника за асистирана репродукција Newlife IVF Greece од Солун, со помош на локални посредници, организирала бесплатни приватни медицински консултации за македонски пациентки со проблеми со неплодност – директно во хотели во Скопје. Овие средби биле најавувани преку социјалните мрежи и форуми, а следната била закажана за 7 февруари 2026 во Скопје, но била откажана откако приказната добила медиумски интерес и била префрлена онлајн.

Главен лекар најавен за консултациите бил Димитриос Довас, кој нема активна лиценца од Лекарската комора на Македонија за вршење вакви активности во земјава. Објавата на Фејсбук на клиниката гласеше:

„Возбудливи вести за нашите пријатели во Северна Македонија! Не мора да патувате преку границата за да добиете стручен совет што го заслужувате. На 7 февруари, тимот на Newlife IVF Greece ја носи нашата експертиза во Скопје. Д-р Довас и Елена Најдоска ќе бидат домаќини за бесплатни, приватни медицински консултации…“

Слични консултации биле организирани и лани во скопски хотел, но без видлива реакција од институциите. Денеска и утре (31 јануари и 1 февруари 2026) биле откажани и консултации од друга клиника од Солун, најавени во друг скопски хотел.

Здружението за хумана репродуктивна медицина (претседател проф. д-р Глигор Димитров) реагираше остро, сметајќи ја оваа пракса за нелојална конкуренција и неконтролирани здравствени услуги без дозволи од македонските институции.

„На македонските доктори ваков тип услуги во странство не им е дозволен без одобрение од надлежните институции. Од Лекарската комора на Македонија нè известија дека нема поднесени барања за дозволи за ваков тип активности, ниту некогаш биле побарани. Како такви, овие активности се спротивни на Законот за здравствена заштита“, изјави проф. Димитров за „Слободен печат“.

Тој нагласи дека, иако пациентките имаат право со свои средства да изберат странска клиника, мора да постои контрола врз вакви организирани активности на територија на Македонија, особено кога се вршат надвор од регистрирани здравствени установи.

Министерството за здравство соопшти дека ја следи состојбата со појава на медицински консултантски услуги надвор од здравствени установи и дека при секој сомнеж веднаш се иницира вонреден инспекциски надзор од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ). Во одговор до Плусинфо велат дека во тек е темелна реформа на Законот за здравствена заштита, вклучително и делот за рекламирање и давање консултантски услуги надвор од установи, со цел зајакнување на заштитата на граѓаните од злоупотреби.

ДСЗИ потврди дека консултации за пациенти се дозволени само во регистрирани здравствени установи, а не во хотели, и најави дека ќе изврши вонреден надзор во хотелот и ќе постапи согласно законските надлежности.

Најнови вести од: Македонија

Николoски: Градежништвото е силен двигател на македонската економија

Во второто тримесечје од 2026 година градежништвото порасна за големи 21,9 процент во споредба со истиот период минатата година, објави на својот фејсбук-профил заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски

Четири ленти, велосипедски патеки и ново осветлување со реконструкцијата на булеварот „Мит’хат Фрашери“ во Чаир

Следната недела ќе започне реконструкцијата на булеварот „Мит’хат Фрашери“ во Општина Чаир, еден од клучните инфраструктурни проекти во општината, соопшти денеска Општина Чаир

Јаневска: Синот на пратеникот Милошоски не добил стипендија од МОН!

Министерството за образование и наука не доделило државна стипендија на синот на пратеникот Антонио Милошоски, изјави денес министерката за образование и наука Весна Јаневска, одговарајќи на новинарско прашање во врска со објавите на социјалните мрежи дека синот на пратеникот добил државна стипендија од МОН за студирање во странство, на универзитет во Мадрид.

To top