Утврдена е тешка кражба на електрична енергија од трафостаница, по што на сторителот му е изготвена фактура за надомест на штета во износ од 16 милиони денари или околу 260.000 евра, соопшти ЕВН Дистрибуција.
Тимот за откривање на неовластено користење на електрична енергија побарал од МВР да се спроведе пребарување и да се вклучи вешто лице, поради основи на сомневање за кражба на електрична енергија во деловен објект на улица Бутелска во Скопје.
При тоа е констатирано дека противправно се користела електрична енергија преку неовластено приклучување на 3 нисконапонски кабли во самата трафостаница во сопственост на Електродистрибуција.
„Деловен објект, поранешен млин, бил користен за неовластено снабдување на системи со графички картички за копање биткоини„, соопшти ЕВН Дистрибуција.
Направен е Записник за неовластено користење, изготвени се наод и мислење од овластено вешто лице. Поднесена е пријава за неовластено преземање на електрична енергија до МВР според член 235-а од Кривичниот законик.