Премиерот Христијан Мицкоски од денеска престојува во повеќедневна посета на Сојузна Република Германија, каде ќе учествува на 62-та Минхенска безбедносна конференција на која, како што соопшти владината прес служба, ќе ја реафирмира определбата на државата за предвидлив и фер процес на интеграција во Европската Унија, без дополнителни билатерални условувања.
Мицкоски е придружуван од министрите за одбрана Владо Мисајловски, за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски и за внатрешни работи Панче Тошковски.
Во рамки на конференцијата, шефот на Владата ќе оствари повеќе билатерални средби со европски лидери, високи претставници и раководители на меѓународни безбедносни институции.
Kако што информираат од Владата, разговорите ќе бидат фокусирани на регионалната геополитичка стабилност и улогата на Македонија како фактор на стабилност на Западен Балкан и активен член на НАТО.
На маргините на Минхенската безбедносна конференција се планирани и средби со високи претставници на Европската Унија, како и со шефови на држави и влади, најави владината прес-служба.
Традиционално, во хотелот „Бајеришер Хоф“ денеска почнува 62. Минхенска безбедносна конференција (MСЦ), на која ќе учествуваат повеќе од 1.000 делегати од над 115 земји, вклучувајќи 60 шефови на држави и влади, 100 министри за надворешни работи и претставници на големи меѓународни организации, меѓу кои се шефовите на ЕУ, НАТО, АСЕАН, ОБСЕ, Светската банка, Светската трговска организација и бројни агенции на ОН.