Бизнис

Наскоро почнува засилена автентификација со биометриски податоци при платежни трансакции

Македонската банкарска асоцијација информира дека во согласност со Законот за платежните услуги и платните системи, со кој во националното законодавство е транспонирана директивата (ЕУ) 2015/2366 за платежни услуги на внатрешниот пазар (PSD2), од 1 март 2026 година почнува примената на засилена автентикација на корисниците (Strong Customer Authentication – SCA) при извршување одредени платежни трансакции.

Засилената автентикација ќе се применува кај платежни трансакции иницирани на далечина, и тоа: плаќања со платежни картички при електронска трговија, како и кредитни трансфери иницирани преку интернет-банкарство или мобилни апликации на банките.

  • „Воведувањето на засилената автентикација има за цел подигнување на нивото на безбедност на електронските плаќања, намалување на ризикот од неовластени трансакции и подобра заштита на корисниците на платежни услуги, при што електронските и дигиталните плаќања ќе продолжат да се извршуваат непречено, со дополнителен безбедносен чекор“, соопшти Македонската банкарска асоцијација.

Засилената автентикација се заснова на користење најмалку два од следните три меѓусебно независни елементи: елемент на знаење – нешто што го знае корисникот (на пример, лозинка или ПИН), елемент на поседување – нешто што го поседува корисникот (на пример, мобилен уред, токен или платежна картичка), елемент на својство – нешто што е својствено за корисникот (биометриски податоци, како отпечаток од прст или препознавање лице). Во таа насока, досегашните начини на потврда на трансакции, како што се еднократни кодови доставени преку СМС или електронска пошта, кои се користат во рамките на постојните 3-D Secure решенија, ќе бидат заменети или надградени со посовремени и побезбедни механизми во согласност со барањата на засилената автентикација.

  • „Примената на засилената автентикација претставува значаен чекор во усогласувањето на платниот систем со европската регулаторна рамка придонесувајќи кон зголемена сигурност, доверба и заштита на корисниците при користење на современите електронски платежни услуги. Македонската банкарска асоцијација заедно со банките членки останува посветена на унапредување на безбедноста и стабилноста на платниот промет, како и на поддршка на процесите на дигитализација и модернизација на платежните услуги“, соопшти Македонската банкарска асоцијација.

МБА посочува дека секоја банка, во согласност со законската рамка и сопствените технички и организациски можности, самостојно ќе го дефинира моделот на засилена автентикација, односно комбинацијата на елементи што ќе ги применува поради што начинот на автентикација и корисничкото искуство може да се разликуваат од банка до банка. Во рамките на процесот на воведување на засилената автентикација банките ќе пристапат кон информирање и едукација на своите клиенти за применуваните решенија, постапките за автентикација и практичните чекори при извршување платежни трансакции преку сопствените комуникациски канали.

 

Најнови вести од: Бизнис

Се доближуваме до целта – Македонија да стане извозник на струја

Според ВМРО-ДПМНЕ, со новите законски решенија се отвора можност за намалување на цената на електричната енергија за домаќинствата за 5 до 10%, а со преземените мерки за субвенционирање на електричната енергија, директно се заштитува стандардот на граѓаните и се спречуваат ценовни шокови за домаќинствата.

Родот стои, а купувачи нема – расте бојот на земјоделци кои продаваат директно од нива

Домашните земјоделци повторно се соочуваат со проблемот каде и како да го продадат произведеното овошје и зеленчук. Наместо производите да стигнат до маркетите, дел од производителите ги нудат директно од нивите, бидејќи откупот и пласманот остануваат неизвесни. Проблемот со пласманот и цените со години е една од најголемите грижи за земјоделците во земјава.

Новите инвестиции доказ дека Македонија е сè поатрактивна за вложување на капитал

ВМРО-ДПМНЕ посочува дека новите ифабрики и странски инвестиции се потврда дека со политките на Владата Македонија станува сè поатрактивна за инвестирање. „Брејнчајлд“ и „Магна Мехатроникс“ веќе почнаа со работа, а „Амфенол“ и „Гемтерм“ најавуваат нови вработувања, се наведува во соопштенето заедно со бројки за вредноста на инвестициите и новите работни места.

Прометот на Македонска берза падна за 53,78%, „Алкалоид“ со најголем раст

И покрај послабата берзанска активност, акциите на „Алкалоид“ забележаа најголем неделен раст од 9,37 отсто. Позитивно движење имаа и „Гранит“, со раст од 2,6 отсто, како и „Македонски Телеком“, чии акции поскапеа за 2 отсто.

АД ЕСМ ќе купува јаглен од косовската КЕК во следните три години

АД ЕСМ  согласно владина одлука,  потпиша стратешки договор со косовската државна енергетска корпорација КЕК за експлоатација на околу три милиони тони јаглен од рудникот Обилиќ во наредните три години по гарантирана фиксна цена од 24, 4 евра за тон, соопшти компанијата. Договорот официјално го потпишаа генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев, и генералниот директор на КЕК, Грамос Хашани.

To top