Во својата научна анализа со наслов „Забрзано пристапување на Украина во ЕУ до 2027 година? Еве три дилеми“, која ја објави на 18 август 2026 година интернет-весникот „ЕУ-опсервер“ од Брисел, покрај другото, Емануилидис пишува: Лидерите на ЕУ разгледуваат начини да ја доведат Украина во Европската Унија уште во 2027 година – пред формално да бидат завршени сите технички барања за пристапување. Предлогот, опишан во Брисел како „обратно проширување“, одразува растечко убедување дека местото на Украина во ЕУ повеќе не може да се третира како далечна стремеж, туку како прашање на геополитичка итност. Но, итноста не смее да дојде на сметка на принципите.

Ако „обратното проширување“ стане организациска логика на следното проширување на Унијата, тоа создава опасност да реши еден проблем, а тивко да создаде друг. Предизвикот не е дали да се прошири побрзо, туку како да се направи тоа без да се поткопаат значењето на членството во ЕУ и европската интеграција. Забрзаниот пристап не смее да создаде членство од втор ред. Претседателот Зеленски јасно истакна дека неговата земја нема да прифати статус на „половина членство“ во Унијата. Тој има право да повлече таа граница. Членството во ЕУ отсекогаш значеше еднаквост: еднакви права, еднакви обврски и еднаков глас во обликувањето на заедничките одлуки. Секој модел што значи формално примање нови членови, а истовремено ограничување на нивното влијание, претставување или учество, е опасност да се претвори членството во „операција од повеќе степени“.

Иако е неизбежна, диференцијацијата, односно правењето разлики во приемот на нови членки во ЕУ, мора да биде привремена, но и да биде јасно одредена, строго временски ограничена и (гео)политички веродостојна. Европската унија, која создава внатрешни нивоа на членство, би ги ослабнала своите демократски темели и би ги поттикнала погледите дека принципите не одредуваат кој му припаѓа навистина на европскиот клуб. Забрзаното проширување на Украина не смее да стане ограничено. Постои реална опасност дека сегашната расправа ќе произведе решение по мера за Украина, а тивко ќе ги стави настрана Молдавија и другите земји-кандидатки од Западниот Балкан. Тоа би бил стратегиски и морален неуспех, пораз на ЕУ. Проширувањето беше најуспешно кога остана отворено, предвидливо и засновано врз заеднички правила, а не кога стана селективно, или засновано врз поволни околности за некого.

Земјите од Западниот Балкан, како и Молдавија, вложуваа години, честопати децении, во усогласување со нормите на ЕУ. Многумина го сторија тоа во тешки домашни и геополитички услови, токму затоа што веруваа дека ветувањето за членство во ЕУ е реално. Ако заклучат сега дека пристапувањето зависи помалку од реформите и посветеноста, а повеќе од геополитичката итност, тогаш ќе се поткопа уште повеќе довербата во европскиот проект.
Ако продолжи ‘обратното проширување’, тогаш тоа ќе мора да остане отворено и да ја задржи способноста да се приспособува на различни услови и околности. Што значи, ќе треба да им овозможи на другите подготвени и способни кандидати да напредуваат, наместо да ја затвора вратата зад Украина. Проширувањето на ЕУ, што вклучува само една земја, е опасност да ја ослабне стабилизирачката сила, за која ЕУ тврди дека ја нуди.

Брзото проширување мора да оди напоредно со внатрешните реформи на ЕУ. Проширувањето без реформи е опасност да настане парализа; реформите без проширување се опасност ЕУ да стане безначајна. Но, решението не е да се одложува проширувањето сѐ додека стане ЕУ „подготвена“. Пристапувањето на Украина може и треба да послужи како забрзувач да почне приспособувањето на оперативниот систем на Европската унија кон реалноста на „ЕУ 30+“, заклучува во својата научна анализа грчкиот експерт Јанис А. Емануилидис.