Бизнис

АД ЕСМ: Левица тенденциозно лаже за набавката на јаглен

Актуелното раководство на АД ЕСМ нема никаква вина што РЕК Битола во последните 5 години стана зависен од увозен јаглен

АД ЕСМ најостро ги отфрла грубите и тенденциозни шпекулации на партијата Левица во врска со набавката на јаглен за потребите на РЕК Битола, реагира државното претпријатие за производство на струја.

Предметната процедура, се вели во соопштението, впрочем како и сите останати спроведени јавни набавки за време на актуелното раководство, се спроведени во транспарентни постапки и во целосна согласност со позитивните законски прописи.

„Целосна лага е дека АД ЕСМ склучила договор со фирма од Косово. Посочената фирма е основана во Македонија и согласно објавениот оглас, ја приложила целата потребна документација. Не постои ниту еден доказ издаден од надлежна институција дека овој економски оператор, основан во земјава, има каква било забрана за учество во постапки за јавни набавки, ниту дека е осуден за, цитираме: криминал со токсичен мазут. АД ЕСМ нема законско право да елиминира понудувач кој ги исполнува сите критериуми врз основа на партиски соопштенија“, соопшти АД ЕСМ.

Актуелното раководство на АД ЕСМ, се додава во соопштението, нема никаква вина што РЕК Битола во последните 5 години стана зависен од увозен јаглен.

„Ова е директна последица на претходното лошо управување, кога постојните рудници беа девастирани преку експлоатација надвор од сите рударски проекти. Стихијниот ископ во минатото и нередовното одржување на рударската механизација се главните причини зошто најголемиот домашен комбинат за производство на електрична енергија сè уште е принуден да користи увозен јаглен за да ја одржи стабилноста на енергетскиот систем“, реагира претпријатието.

Наместо конструктивна критика, се додава, сведоци сме на обиди за дневно-политички профит преку ширење паника кај граѓаните. АД ЕСМ останува фокусиран на санација на штетите во рудниците и на консолидација на домашното производство, процеси кои бараат време и стручност, а не популизам.

„Апелираме до политичките субјекти да престанат со злоупотреба на енергетскиот сектор за тесни партиски цели. Нашата единствена цел е обезбедување стабилна и евтина електрична енергија, а секоја набавка е подложна на строга контрола од надлежните органи. И уште еднаш ќе повториме дека зачудува двојниот аршин на Левица во врска со случувањата во енергетиката, со оглед дека како опозиција, не реагираа ниту еднаш на катастрофалните политики и потези на претходната власт која го доведе енергетскоит систем до состојба на колапс“, се вели во соопштението на АД ЕСМ.

Левица денеска го обвини претпријатието дека најновиот тендер за увоз на 150.000 тони јаглен, во вредност од 7 милиони евра, го добила контроверзна фирма од Косово со криминално минато, односно, нејзиниот сопственик во 2014 година бил правосилно осуден на 4 години затвор, затоа што испорачувал мазут со околу 80% повисоко ниво на сулфур од дозволеното.

Најнови вести од: Бизнис

Македонија добива оператор за пазарот на гас – Владата отвори пат кон поконкурентен пазар

Владата донесе одлука да се забрза формирањето на оператор за пазарот на природен гас, а работата ќе ја преземе МЕМО ДООЕЛ Скопје, кој треба да ја започне целата постапка и да подготви план за тоа како практично ќе функционира новиот пазарен оператор.

Бизнисот постојано бара работници, додека 88.500 граѓани „молат Бога да не најдат“

Анкетата на АВРМ открива јаз меѓу потребите на компаниите за среден стручен кадар и образовниот профил на активните баратели. Од Владата велат дека невработеноста паѓа, но и граѓаните да се поажурни ако сакаат добри примања.

(Видео): Јасно е каде оди светот, ќе продолжиме да ја водиме државата кон просперитет, рече премиерот за дата-центрите

Прашањето за изградба на дата центри во Македонија ја отвори дилемата – дали станува збор за развојна шанса или за ризик за ресурсите? Власта вели дека тоа е иднината на светот.

To top