Македонија

Тошковски: Борбата против криминалот и корупцијата се води неселективно, законот важи за сите – Институциите постапуваат врз основа на докази

Осврнувајќи се на повеќе актуелни безбедносни прашања, во емисијата „Вечерно шоу со Богдан Илиевски“ на ТВ Алфа телевизија министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ја нагласи решителноста на институциите во борбата против криминалот и корупцијата, како и потребата доследно да се почитува владеењето на правото.

Тошковски истакна дека Министерството за внатрешни работи во континуитет работи на зајакнување на институционалните капацитети и на унапредување на механизмите за откривање и спречување на криминалот, при што секој случај се процесуира врз основа на докази и во координација со надлежните обвинителства и другите институции. „Нашата цел е институциите да функционираат професионално, транспарентно и без селективност. Борбата против криминалот и корупцијата не смее да зависи од ничии лични или политички интереси, туку исклучиво од фактите и доказите. Законот мора да важи подеднакво за сите“, истакна Тошковски.

Министерот потенцираше дека довербата на граѓаните во институциите се гради преку конкретни резултати, доследно постапување и јасна порака дека никој не е над законот. „Кога институциите функционираат професионално и одговорно, граѓаните ја препознаваат таа посветеност. Нашата задача е да покажеме дека системот работи, дека секој случај се истражува темелно и дека никој не е недопирлив кога станува збор за кршење на законот. Само така може да се врати довербата во институциите“, посочи министерот.

Тошковски додаде дека борбата против организираниот криминал, корупцијата и економскиот криминал е еден од приоритетите на Министерството за внатрешни работи, при што се преземаат интензивни активности за откривање на криминалните мрежи и процесуирање на сите вмешани лица. „Работиме системски, преку координација со обвинителствата, финансиските институции и другите надлежни органи. Оваа борба бара истрајност, професионалност и силна институционална соработка, бидејќи станува збор за комплексни случаи кои често имаат и меѓународна димензија“, нагласи министерот.

Осврнувајќи се на случајот со заплената на дрога во Србија, Тошковски нагласи дека надлежните институции активно работат на утврдување на сите околности поврзани со случајот, во тесна соработка со партнерските служби од регионот и Европа. „Прекуграничниот криминал бара силна меѓународна соработка. Размената на информации и координацијата со партнерските институции од регионот и Европа се клучни за успешно разбивање на криминалните мрежи и за утврдување на целосната вистина за ваквите случаи. Нашата обврска е да ја утврдиме целата фактографија и да постапиме во согласност со законот“, изјави Тошковски.

Министерот посочи дека Министерството за внатрешни работи продолжува со активности насочени кон модернизација на полициските служби, подобрување на оперативните капацитети и унапредување на истражните механизми, со цел поефикасно справување со сите форми на криминал. „Современиот криминал се менува и станува сè пософистициран, поради што институциите мора постојано да ги унапредуваат своите капацитети, технологијата и методологијата на работа. Само со силни, професионални и модерни институции можеме ефикасно да се спротивставиме на овие појави“, истакна Тошковски.

Тој нагласи дека Министерството за внатрешни работи останува посветено на создавање безбедно општество во кое владее правото, а институциите работат исклучиво во интерес на граѓаните.

Најнови вести од: Македонија

Весникот „Илинден“, гласникот на Македонците во Албанија – петнаесет години ѕвезда Деница за македонскиот збор

„Петнаесет години истрајност и посветеност – весникот „Илинден“ е жив хроничар на македонската заедница во Албанија, чувар на јазикот и културата и мост што ги поврзува генерациите и дијаспората низ светот. На 1 март 2011 година Македонското друштво ‘Илинден’ – Тирана го издаде првиот број на својот весник ‘Илинден’. Тој прв број, објавен како двоен (март/април), беше симболичен почеток на една медиумска приказна, која денес, петнаесет години подоцна, има 71 издание. Во текот на овие години, весникот не само што обезбеди континуитет и посветеност туку и изгради мостови меѓу заедниците – од Македонците во Албанија, преку читателите во татковината Македонија, па сè до дијаспората низ светот. Секое издание претставува сведоштво за една борба за видливост, за зачувување на јазикот и културата и за афирмација на македонскиот идентитет во услови на постојани предизвици.“ – пишува во статијата, која ја објави денес дневниот весник „Нова Македонија“.

Потпишан договор за изградба на паркинзи во Клиничкиот комплекс – Во првата фаза до втората половина на 2027 најмалку 500 паркинг-места

Министерството за здравство (МЗ) и Град Скопје го потпишаа Договорот за изградба на паркинзи во рамки на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Договорот е на 15 години, со 10 отсто закупнина од вкупно остварениот промет. Во првата фаза е предвидена изградба на два современи монтажни паркинга, со најмалку 500 паркинг места, кои се очекува да бидат ставени во функција до втората половина на наредната година. Паркинзите ќе бидат, пред се, наменети за пациентите и за вработените во Клиничкиот центар. Планирано е едниот паркинг да биде кај Клиниката за гинекологија, а вториот кај црквата во Клинички. Како што најавија министерот за здравство Азир Алиу и градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски пред потпишувањето на Договорот, ако има потреба, ќе биде изграден и трет монтажен паркинг. Ако се утврди дека капацитетите овозможуваат да се паркираат и приватни лица, ќе се овозможи и тоа.

Се возобновува Средното полициско училиште, ќе се запишат 200 ученици! – На 1.7.2026 јавен повик за прием на ученици

Околу двесте ученици ќе се примаат во првата, односно 25 класа на новото државно Средно полициско училиште – Полициска академија, за кое јавниот повик за учебната 2026/2027 година се очекува околу 1 јули. Со него ќе се возобнови средното полициско образование по пауза од 26 години, односно од завршувањето на последната генерација (1996-2000) пред укинувањето на тогашниот Центар за образование на кадри од областа на безбедноста (ЦОКОБ) „Елисие Поповски-Марко“.

Протест на ОМД кон Бугарија: Ако е закана Менкиноски, кој ги брани правата на Македонците пред ЕСЧК, тогаш сите сме закана!

Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) со седиште во Вашингтон, САД, изразува сериозна загриженост и протест поради одлуката на бугарските власти со која на адвокатот Тони Менкиноски му се изрекува 10-годишна забрана за влез во Бугарија.

Амбициозна најава на Трајановски: По нов асфалт од Извор преку Пресека до Врбјани – пред Велигден!

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, КоцеТрајановски најави дека планира да се вози по нов асфалт пред велигденските празници од селото Извор преку превојот Пресека.

Македонски државјанин пукал вчера од автомобил кон група луѓе во Егл, Швајцарија – по филмска потера уапсен!

По тежок оружен инцидент, кој се случил вчера, на 5 март 2026 година, државјанин на Македонија бил уапсен во Швајцарија. Според полициските информации, 34-годишниот осомничен, од автомобил пукал кон група луѓе. Потоа уследила вистинска драма низ улиците. Настанот се случил околу 13 часот во индустриската зона на градот Егл. Првичните информации од надлежните укажуваат дека мотивот за пукањето е претходна меѓусебна расправија. Притоа немало повредени лица.

Денеска во Косово ќе се официјализира Вреди како единствена партија – Ќе има два претседатела, Изет Меџити и Билал Касами

„Денеска во местото Преказ, во Косово, во домот на семејството Јашари, се очекува официјалното ракување на лидерите на коалицијата Вреди, што ќе и даде живот како една единствена партија. Концептот на Вреди како коалиција првично беше воспоставен кога влезе во политичката трка за парламентарните избори во Македонија во 2024 година.“ – објавија ТВ Алсат и информативната агенција Илирија-ИНА.

Најнови вести

To top