Македонија

„Н.М“: Грција го „купи“ името „Македонија“ од инсталираната власт со коруптивен „Преспански договор“, што ја урива неговата легитимност! (2)

Весникот „Нова Македонија“ во својата анализа од 6 март 2026 година со наслов „Како документот на ЦИА го урна легитимитетот на Преспанскиот договор“ пишува дека коруптивните механизми не се само теоретска претпоставка, туку долгогодишна стратегија во спорот за името Македонија. Ова го потврдуваат и неодамна декласифицираните документи на американската централна разузнавачка служба (ЦИА). Според документ на ЦИА од 6 ноември 1992 година, објавен во нивната дигитална библиотека (ФОИА) во јануари оваа година, уште на почетокот на независноста постоел обид за директно „купување“ на името. Во извештајот јасно е наведено дека тогашниот претседател Киро Глигоров одбил понуда од грчки функционери во висина од 100 милиони долари финансиска помош, како услов за промена на името на државата.

Натаму „Нова Македонија“ изнесува: Овој историски факт фрла сосема поинаква светлина врз актуелните информации од грчките медиуми за Преспанската спогодба. Ако во 1992 година обидот за поткуп на Грција бил неуспешен, поради одбивањето на тогашниот претседател на Р Македонија да го смени името Македонија, декласифицираните документи на ЦИА, според методот на правна аналогија (аргументум а симили), содржат елементи за постоење основани сомненија (кои во постапка треба да се подигнат на ниво на докази) за „сериозни финансиски замешателства од трети страни“ во врска со потпишувањето на Договорот од Преспа.

Доказите, кои ќе се прибават низ една сериозна меѓународна истрага, ќе треба да бидат изнесени пред надлежен меѓународен суд, при што треба да одговорат на прашањата: Дали она што не се успеа со коруптивен предлог од 100 милиони долари во 1992 година беше реализирано на идентичен начин три децении подоцна, на кој начин и од кого? Со отворањето на процесот, кој треба да има и меѓународен и внатрешен карактер, треба да се докаже ништовност на Преспанскиот договор по силата на меѓународното и на внатрешното право и конечно да го затвориме тоа поглавје од историјата на Македонија, и од политички и од правен аспект.

Стратегиски финансиски инженеринг за промена на името

Ако во 1992 година официјална Атина имала „буџет“ за купување на името, дали е наивно да се верува дека таа намера престанала со заминувањето на Глигоров од функцијата? Воопшто – не! Напротив. Постојат и други сведоштва (дури и лични на Глигоров во неговите мемоари) дека ваквите методи на поткуп заради потпишување меѓународен договор за промена на името продолжиле. Во содржината на декласифицираниот документ на ЦИА се наведуваат и намера и обид на странска држава да понуди финансиска помош во контекст на решавање на спорот за името во нејзина полза. Ова не е само обичен запис на разузнавачка агенција, туку е флагрантен доказ за постоење умисла кај странска држава да влезе во реализација на еден чин на изнуда на асиметричен договор преку директен поткуп на највисоко ниво.

Меѓународното право, конкретно Виенската конвенција, е децидно: „Секој договор потпишан под присила или преку корупција е ништовен“. Документот на ЦИА на некој начин на земјава ѝ дава „џокер во рака“ аргументирано да излезе пред надлежните меѓународни тела и да го докаже она, за што досега само се шепотело. Според толкувањата што се појавија во јавноста, ваквите документи се наведуваат како доказ дека во спорот за името постоеле обиди за силно дипломатско и финансиско влијание.

Ова е моментот кога државата мора да се мобилизира. Ова е материјал за меѓународните судови, вклучително и Меѓународниот суд на правдата во Хаг, каде што еднаш веќе издвојувавме победа против Грција. Мораме да докажеме дека Преспанскиот договор е плод на серија коруптивни дејствија, а не на волјата на народот!

Сведоштва и во Грција, но треба сериозна меѓународна истрага

И не е само документот на ЦИА. Пред извесно време и грчкиот весник „То вима“ објави анализа во која беше посочена добро разработена шема на надворешно влијание врз политичките процеси во земјата, чија крајна цел била реализација на промената на името. Според овие истражувачки податоци објавени во грчкиот весник, „преку моќни фондации и странски агенции биле канализирани милионски суми наменети за две клучни фази, најпрво во период од неколку години преку странски грантови биле насочени околу пет милиони долари со цел слабеење на тогашните државни институции во Македонија и создавање вештачка криза, а потоа и инсталирање на ’флексибилна‘ власт што би била поприемчива за асиметричен договор“.

Документираните наводи во анализата на „То вима“ укажуваат дека целата операција била внимателно планирана за да се обезбеди доаѓање на власт на субјекти што би прифатиле решение во стилот на Преспанската спогодба. Само неколку месеци по промената на власта, започнаа преговорите, кои завршија со промена на името, потврдувајќи го сомнежот дека целиот процес не бил автентична волја, туку плод на претходно финансиран политички инженеринг.

Меѓународноправни експертски толкувања

Експертите по меѓународно право се децидни, колку и да се говори за тоа дека Преспанската спогодба е завршена работа, по дефиниција ако се докаже дека таа е склучена врз основа на корупција, едноставно не е валидна, не важи.

Во меѓународниот правен поредок суверената волја на државата е апсолутен императив за валидноста на секој склучен акт. Темелниот документ што го регулира ова прашање, Виенската конвенција за договорно право (1969), јасно предвидува дека секој договор што е производ на дефект во изразувањето на таа волја е правно ништовен (null and void). Посебно внимание заслужуваат членовите 49, 50 и 51 од конвенцијата, кои таксативно ги наведуваат основите за поништување на еден договор. Прво, корупцијата на претставникот на државата (член 50) е еден од најтешките облици на деформација на правниот процес. Ако согласноста на една држава била изнудена преку директно или индиректно корумпирање на нејзините ополномоштени претставници од страна на друга држава, или трети субјекти, што дејствуваат во нејзин интерес, тогаш таквиот договор нема правна моќ. Корупцијата го прави договорот „апсолутно ништовен“, што значи дека правните последици се бришат ab initio – како договорот никогаш да не постоел. Второ, прашањето на присила (членови 51 и 52), без разлика дали е физичка, политичка или економска, претставува флагрантно кршење на принципите на Повелбата на ОН. Договор што е производ на уцени или финансиски инженеринг со цел дестабилизација на една влада за да се изнуди потпис не е дипломатски компромис, туку правен деликт – велат експертите.

Според нив, постоењето документирани индиции, како што се разузнавачки извештаи за понуди за поткуп или тајни фондови наменети за политички преврат, претставува релевантен доказен материјал пред Меѓународниот суд на правдата. – Во меѓународното право, докажаната умисла за корупција го урива легитимитетот на секој асиметричен договор. Државата што се наоѓа во таква позиција има не само право туку и обврска да поведе постапка за утврдување ништовност, бидејќи суверенитетот не е предмет на трговија. Секој акт што е купен со пари или изнуден со притисок, порано или подоцна, се соочува со својата правна неодржливост пред меѓународната правда – заклучуваат експертите, пишува „Нова Македонија“.

Приредил за објавување: Свето Тоевски

(продолжува)

 

Најнови вести од: Македонија

АД МЕПСО: Го прифаќаме извештајот на ДЗР и веќе спроведуваме мерки за отстранување на затекнатите слабости

Од АД МЕПСО соопштија дека ги прифаќаат наодите од Државниот завод за ревизија и веќе преземаат мерки за отстранување на утврдените слабости. Според МЕПСО, голем дел од забелешките се однесуваат на процеси, договори, инвестиции и имотно-правни прашања што се наталожувале со години, а дел од нив датираат уште од основањето на компанијата во 2004 година.

Државната ревизија откри сериозни слабости во работењето на енергетскиот преносен оператор АД МЕПСО

Сериозни системски слабости откри Државниот завод за ревизија во работењето на АД МЕПСО во 2024 година. Податоците од ревизорскиот извештај покажуваат дека се утврдени недоследности во сопственоста на далноводите, потоа откриени се неругуларности при вработувања, а за дел од потрошените пари по основ на инвестиции на државната компанија недостасувала соодветна документација.

Мицкоски: Очекувам да бидеме прворангирани на јунското „мерење“ за почеток на преговори во ЕУ!

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски смета дека во дадениот рок ќе бидат донесени сите реформски закони, со што Република Македонија ќе биде прворангирана на јунското „мерење“ за почеток на преговори во ЕУ и со официјална одлука на почетокот на јули ќе бидат ослободени уште пари за македонската држава.

Мицкоски ја извести македонската јавност за тежок европски скандал: Соседна земја, членка на ЕУ, лобира за да не добие Македонија пари од ЕУ!

„Соседна држава на Македонија шири информација ЕУ да не и помага финансиски на Македонија, да и се скратат сите фондови како ЕУ, затоа што ако и помага, Македонија ќе напредува, а во спротивно, ако нема ЕУ фондови за Македонија, тогаш ќе дојде пред банкрот, ќе биде приморана да клекне, да моли и на тој начин да се реализира тоа коешто се бара од нив“, соопшти премиерот Христијан Мицкоски, без да открие која соседна држава ја шири оваа теза, а е членка на ЕУ.

Трибината „Перименопауза и менопауза без митови – што се случува и како да си помогнеме“

Иницијатива на ЗПГА за информирање за најновите сознанија за перименопаузата и менопаузата, хормоналните промени и нивното влијание врз физичкото и менталното здравје кај жените

Најнови вести

To top