Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека Владата внимателно ја следи состојбата по зголемувањето на цената на нафтените деривати во земјава и порастот на цената што се случи од ноќеска по одлуката на Регулаторната комисиј, и, како што рече, во согласност со тоа ќе реагира.
Според него, добра вест е што утрово цената на нафтата паднала и од синоќешните 120 долари за барел, сега се тргувала за околу 90 долари за барел.
Мицкоски рече дека Владата во овој момент не гледа причина за прогласување кризна состојба, и покрај економските ризици што произлегуваат од конфликтот на Блискиот Исток, кој предизвика значителен раст на цените на нафтата и гасот.
Премиерот рече дека и покрај поскапувањето имаме најевтина цена на нафтата и поради тоа, граѓаните на соседните држави доаѓаат во пограничните предели да точат гориво.
„И покрај поскапувањата, кај нас дизелот е 1,39 евра, во Албанија е 1,79 евра или 30 проценти поскап. Во Србија е 1,73 евра, што е 25 проценти повеќе, во Косово 1,52 евра, во Грција 1,59 евра, а во Бугарија 1,41 евро“, рече Мицкоски.
„Инспекторатот е на терен, нема прекин во снабдувањето. Логично е да имаме притисок во западниот дел на државата – и во Србија е поскапо, во Косово цената варира. Во регионот имаме најниска цена за дизел горивото, а слична е и цената за бензинот. Очекуваме притисок и во периодот што следи, но имаме доволно количини. Разговаравме со компаниите и дистрибутерите. Во моментот нема опасност од недостиг. Цените на светските берзи паѓаат, и внимателно ја следиме состојбата“, рече Мицкоски.
Премиерот Христијан Мицкоски за утре најави средба со трговците и дистрибутерите за да се информира за влијанието на цените на горивата врз цените на храната во маркетите.
Тој вели дека ќе побара од нив да не го користат притисокот на цената на горивото за да се зголемат веднаш цените на прехранбените производи и притисокот да се префрли врз потрошувачката кошничка на граѓаните
Тој рече дека антимонополската комисија и инспекторите ќе го следат однесувањето на трговците, и така ќе се однесува.