Македонија

Доделувањето на „Златниот венец“ на „Струшките вечери на поезијата“ за 2026 на холандската поетеса Анеке Брасинга – чествување и афирмација и на Македонија и македонскиот јазик во светот!

– Делото на Брасинга е мост меѓу јазиците, меѓу културите, меѓу различните поетски традиции на Европа. Со доделувањето на „Златниот венец“ на Брасинга, се зацврстува и една значајна културна врска меѓу Македонија и Холандија, што се гради преку литературата, преводот и заемната љубопитност на две култури, кои се среќаваат во просторот на поезијата. Ова признание не е само почит кон едно исклучително творештво, туку и нова можност за продлабочување на културниот дијалог меѓу нашите две земји. Тоа отвора врати за нови преводи, нови литературни средби, нови културни проекти, но и за една поширока културно-туристичка перспектива – изјави министерот за култура Зоран Љутков.

– Наградата ѝ се доделува на Брaсинга за нејзиното севкупно поетско творештво, а врз основа на високите естетски вредности, влијанието на нејзиниот поетски опус и исклучителниот придонес во современата европска и светска поезија – рече на денешната прес-конференција во Македонската академија на наукити уметности, в.д. директорот на „Струшките вечери на поезијата“, Никола Кукунеш.

– Поезијата на Анеке Брасинга се одликува со исклучителна јазична инвентивност. Критиката често ја опишува како „волшебник на јазикот“.  Анеке Брасинга се вбројува меѓу најзначајните современи поети на холандската литература и меѓу највлијателните европски поетски гласови на нашето време. Токму поради таа оригиналност и духовна сила, нејзиното дело е високо вреднувано со најзначајните книжевни признанија во холандската литература, потврдувајќи ја како еден од најзначајните поетски гласови на современата европска и светска поезија – се истакнува во образложението за прогласувањето како лауреат на „Струшките вечери на поезијата“.

По повод наградата, Брaсинга испрати писмо, во кое ги искажа честа и големото изненадување за доделувањето на „Златниот венец“. – Длабоко сум трогната од ова високо признание, а уште повеќе што сум првата холандска поетеса на која ѝ е доделена оваа награда. Тоа ми дава чувство како да е одликувана целата холандска поезија со овој венец – и од минатото и од сегашноста – вели Брaсинга во писмото.

Таа посочи и дека е благодарна што ќе учествува на прочуениот меѓународен струшки фестивал и се надева дека ќе го носи „Златниот венец“ со достоинство. – Особено ме исполнува со радост и благодарност сознанието дека дел од мојата поезија се преведува и ќе биде објавена на македонски јазик. И, конечно, ќе ми биде големо задоволство во Охрид да ги посетам споменикот и музејот посветени на писателот А. ден Долард. Тој живеел во едно село недалеку од моето родно место, во шумите на Велуве во источна Холандија и токму тој на холандските читатели им го откри прекрасниот свет на Македонија. А јас уште од детството бев еден од тие читатели – вели годинашната лауреатка во писмото.

На објавувањето на годинашната добитничка на „Златниот венец“ на СВП во МАНУ, присуствуваше и министерот за култура, Зоран Љутков. – На мостовите на Дрим застанале поетски големини… Имиња што се пресвртници во историјата на поезијата. Денес името на Анеке Брасинга го збогатува тој престижен пиедестал, не како додаток, туку како логично продолжение на таа низа.– истакна министерот.

Анекe Брасинга е родена на 20 август 1948 година, во Шарсберген. Како поетеса неформално дебитирала во 1985 година. Нејзините песни се преведени на германски, француски, англиски, руски, унгарски и на шпански јазик. По прогласувањето на добитникот на наградата „Златен венец“, во МАНУ продолжи и одбележувањето на Светскиот ден на поезијата, 21 Март, со читање поезија од повеќе македонски поети.

Најнови вести од: Македонија

Клековски: Западнонилската треска стивнува, на Клиниката за инфективни болести сe згрижени шест пациенти

Министерот за здравство Сашо Клековски вели дека епидемијата на западнонилската треска стивнува, за што говорат податоците дека во последните две седмици има по два нови случаја, а и на Клиниката за инфективни болести моментно се згрижени шест пациенти, од кои само двајца се во потешка состојба.

Мицкоски: Колку и да сакаат да го оцрнат работењето на оваа Влада, денес многу подобро се живее отколку пред 3 години!

„Пред 25-26 месеци наследивме  уништени институции, ограбена економија, клекната на колена држава, разочарани и демотивирани граѓани. И сега,  колку и да сакаат да го оцрнат тоа што денеска оваа Влада го работи, ќе мора сите да се согласиме дека денеска многу подобро се живее од тоа што беше пред три години.“ – изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи  на новинарско прашање во врска со забелешките на опозицијата околу порастот на бруто-домашниот производ.

„Babuna Red 2023“ на „Тиквеш“ го освои Лондон: Престижен трофеј за најдобро црвено вино од Македонија

На свечениот настан за доделување на наградите освоени на годинешниот International Wine Challenge (IWC), што се одржа на 8. септември во Лондон, трофејот за „Babuna Red 2023“ за најдобро црвено вино од Македонија, му беше врачен на претседателот на Управниот одбор на ВВ „Тиквеш“, Светозар Јаневски. Со оваа награда, „Babuna Red 2023“ се вбројува меѓу вината што оставија најсилен впечаток на едно од највлијателните и најценети светски вински натпреварувања, потврдувајќи го квалитетот, автентичноста и меѓународниот потенцијал на македонското вино. Ова престижно признание има и дополнителна тежина бидејќи „Babuna Red 2023“ на истиот натпревар освои и златен медал со високи 95 поени, издвојувајќи се меѓу најдобро оценетите вина во својата категорија.

To top