На прашање кој е неговиот генерален однос кон определувањето притвор, кога и колку треба да се определува таа мерка, државниот oбвинител Ненад Савевски вели дека Македонија е сиромашна држава, а притворот е скапа мерка.
„Притворот е најригорозна мерка од мерките коишто ги нуди Законот за кривична постапка. Меѓутоа и најскапа и најнехумана’ изјави Савевски во интервју за „360 степени“ на МРТ .
„Еден ден во притвор значи одвојување на парични средства од буџетот. Како сиромашна држава треба да водиме сметка и за тоа. Да се однесуваме согласно нашите можности. Ако куќниот притвор може да ги задоволи потребите за обезбедување на конкретен обвинет во една постапка, зошто секогаш да почнеме од најстрогата мерка, којашто кажувам дека е најскапа и најнехумана?
Кога го спомнувам и тоа дека таа мерка сама по себе не е хумана, тука ги имам предвид и условите во коишто се издржуваат притворите. Нашите казнено-поправни установи, институциите каде што се издржува мерка притвор, според извештаите од меѓународниот фактор, не се на задоволително ниво. Напротив, условите во коишто се издржуваат овие мерки се нехумани. Тоа треба да се има во предвид за нас од финансиски аспект, за имиџот на нашата држава пред меѓународниот фактор од аспект на хуманост“, рече Савески.
Државниот обвинител смета дека секогаш треба да се има предвид дека треба да се почне од најблагата мерка, па до најстрогата.
„Прво треба да се елиминира најблагата, ако со неа не може да се обезбеди присуство на обвинетиот, па потоа… Јас, на пример, и како судија и претходно кога сум бил обвинител, сум бил поборник секогаш да применам поблага мерка, а мерката притвор да ја избегнам“.
Во врска со тоа дека домашната јавност секој куќен притвор го доживува како заговор за политичка или друг тип поддршка, Савески дека ја анализирал таа перцепција и смета дека веројатно се должи на сите претходни одлуки коишто ги носеле Јавното обвинителство или судството.
Во врска со тоа како да се спречат бегства, државниот јавен обвинител рече дека можат многу ефикасно да се спречат со гаранции.
„Гаранциите се доста ефикасна мерка за обезбедување присуство. Тоа е мерка којашто упатува токму на моиве ставови коишто претходно ги изразив. Доколку некој побегне, а оставил гаранција – тој имот, недвижен или подвижен имот, како и да е, има одредена вредност. Таа вредност, доколку побегне, останува сопственост на нашата држава. Имаме финансиска состојба за којашто треба да водиме сметка – тие финансиски средства, тој капитал, со продажба станува дел од буџетот и е на располагање на сите граѓани, вклучително и на правосудните институции – вели Савески.
Почестата употреба на гаранцијата како мерка за обезбедување присуство наместо притворот, смета Савески, нема да придонесе за повеќе бегства особено од богатите, кои можат да си дозволат да ја остават гаранцијата. Според него, висината на гаранцијата се определува сообразно со висината на богатството.
„ Тој што создал капитал, логично е да се претпостави дека сака и да го задржи“, вели новоизбраниот државен обвинител Ненад Савески.