Албанскиот ппремиер, Еди Рама, ги отфрли наводите на лидерот на опозицијата, Сали Бериша, за пречки од девет земји членки на Европската Унија. Тој истакна дека очекува позитивни случувања во процесот на европска интеграција на земјата до мај.
„Вето става една држава. Ако се девет, тоа не е вето, туку гласање.“
Според Рама, вистината ќе биде разјаснета до крајот на април или почетокот на мај. Тој директно го обвини Бериша за ширење неточни информации во врска со европскиот процес, јавува МИА.
Премиерот потцрта дека членството во ЕУ е непроменлива стратешка цел и ги повика партиските структури да го интензивираат својот ангажман. „Ова е голема одговорност што ја носиме. Овие реформи ја прават Албанија држава и ја подготвуваат за членство“, изјави Рама.
Тој образложи дека пристапниот процес во ЕУ се одвива на две нивоа: техничко, каде се оценуваат спроведените реформи, и политичко, каде земјите членки донесуваат одлуки со консензус.
„Доволно е една земја да каже „не” и процесот запира. Но, тврдењата дека постојат повеќе вета се неточни“, додаде тој.
Рама наведе дека предвидува убедлива победа на локалните избори во 2027 година, оценувајќи ја како клучна за продолжување на реформскиот курс и европската агенда.
Во меѓувреме, Бериша најави нова масовна протестна кампања против владата за 27 април.