Бизнис

Алкалоид со раст на инвестициите од 89% во периодот јануари – март

Како докажан партнер на јавното здравство, компанијата активно учествува во обезбедувањето на најсовремени ретки и специфични терапии преку застапување на производите на светски реномирани фармацевтски производители

Продажби според региони

Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 18 % во споредба со минатата година. Како докажан партнер на јавното здравство, компанијата активно учествува во обезбедувањето на најсовремени ретки и специфични терапии преку застапување на производите на светски реномирани фармацевтски производители, обезбедувајќи значајна поддршка за здравствениот систем во земјава. Иако профитабилноста на овие програми е ограничена, тие значително го зголемуваат учеството на домашниот пазар во вкупните консолидирани продажби. Од вкупните консолидирани продажби 37 % се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 63 % се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 29 %, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР…) се остварени 20 %, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 13 %, а на другите пазари е остварен 1 %  од вкупните консолидирани продажби.

Најголем пораст кај извозните пазари, во споредба со минатата година, бележат продажбите остварени во Казахстан, каде што се зголемени 20-пати, потоа во Велика Британија, каде што се зголемени 2,4-пати, како и во Чешка каде што продажбите се зголемени 2,3 пати. Потоа следуваат оние во Грузија (раст од 95%), Косово (раст од 39 %), во Грција (раст од 38 %), Полска (раст од 34 %), итн.

Продажби според групи производи

Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 93 %. Од нив поголем удел имаат антибиотиците со 21 %, препаратите ОТЦ со 19 %, невролошките препарати со 13 %, кардиолошките препарати со 11 % од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 7 % во вкупните консолидирани продажби, поточно хемија учествува со 2 %, козметика со 4 %, а билкарство учествува со 1 %.

Инвестиции

Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – март 2026 година изнесуваат 486.313 илјади денари, што претставува раст од 89% во однос на истиот период од претходната година. Речиси половина од вкупните инвестиции се однесуваат на вложувања реализирани преку поврзаното друштво АЛКАЛОИД ЕНЕРГЕТИКА ДООЕЛ, насочени кон изградба и развој на фотоволтаични капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори.

Резултати од работењето

Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 837.272.265 денари, бележи зголемување од околу 12 %, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 475.481.780 денари и е зголемена за 17 %.

Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 993.129.751 денари и бележи раст од 7 %, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 515.611.777 денари е зголемена за 5 %.

Вработени

Во периодот јануари – март 2026 година во АЛКАЛОИД АД Скопје се реализирани 28 нови вработувања во РС Македонија. Со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, во февруари 2026 година е одобрен и исплатен регрес во висина од 47.000 денари нето-износ за користење годишен одмор за вработените во компанијата. Групацијата АЛКАЛОИД брои 3.027 вработени, од кои 2.223 се во земјава, а 804 се вработени во капитално поврзаните друштва во странство.

Податоци за акциите

Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на Берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – март 2026 година се движеше од 24.700,00 до 27.300,00 денари или просечно 25.249,85 денари за една акција. На 31.03.2026 година акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје беа во сопственост на 6.532 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше 36 милијарди денари.

На 30 март 2026 година, на Годишното собрание на акционерите, е одобрена пресметка и исплата на бруто-дивиденда за 2025 година во износ од 1.030.574 илјади денари. Во согласност со дивидендниот календар, во мај 2026 година ќе започне исплатата на дивидендата во износ од 720 денари бруто, односно 648 денари нето за една акција. Дивидендата од акција за 2025 година е поголема за 14,3 % во однос на исплатената дивиденда од акција за 2024 година.

Бизнис-план за 2026 година

Бизнис-планот за 2026 година, донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на 29.12.2025 година, предвидува инвестирање на околу 8 % од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства, раст од 7 % на консолидираните продажби во однос на реализираните во 2025 година, како и раст од 7 % на консолидираниот профит во однос на 2025 година.

Остварените резултати во првиот квартал од 2026 година се во согласност со планираната динамика на реализација на бизнис-планот. Во наредниот период се очекува кумулативните пласмани на домашниот и на странските пазари да ги надминат минатогодишните остварувања.

Бизнис-планот за 2026 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2026 година, а со тоа и остварените резултати може да варираат во однос на прикажаните во Бизнис-планот.

Очекувања за претстојниот период

Трендот на работење во отежнати економски услови, кои беа актуелни во изминатите неколку години, продолжува и во 2026 година. Доминанти предизвици беа инфлацијата и порастот на каматните стапки, а неизвесноста и натаму останува изразена. Друштвото е изложено на каматен ризик главно по основ на краткорочните и долгорочните кредити, при што истиот континуирано се следи и се управува преку директни преговори со банките, без значајни осцилации кај каматните стапки.

Воедно, глобалните безбедносни кризи, вклучително и ескалацијата на конфликтот поврзан со Иран, дополнително го отежнуваат економскиот амбиент и предвидливоста. Овие случувања имаат значително влијание врз глобалните енергетски пазари, предизвикувајќи пораст и зголемена волатилност на цените на енергенсите, што создава дополнителни инфлаторни притисоци и тешкотии во синџирите на испорака, како и ризици во однос на достапноста на одредени суровини и материјали. Дополнително, потенцијалниот ризик од продлабочување на глобалните трговски тензии може да предизвика нови покачувања на цените на суровините и да доведе до зголемени трошоци во работењето. Внимателно го следиме развојот на настаните и преземаме соодветни мерки за ублажување на овие потенцијални ефекти.

Очекуваме во 2026 година да продолжиме по патеката на континуираниот раст базиран на можностите од нашите тековни инвестиции во нови производствени капацитети и опрема и од вложувањата во развојно-истражувачки проекти, на тој начин создавајќи конкурентно портфолио и можности за ширење на пазарите. За остварување на овие цели ќе продолжиме и со нови вработувања во земјава, но и на странските пазари, притоа континуирано вложувајќи во подигнувањето и во усовршувањето на нивото на знаења и на вештини на нашите вработени и во градењето таленти.

 

Најнови вести од: Бизнис

Уште една потврда на светскиот квалитет на вината на „Тиквеш“: 21 нова меѓународна награда

Со 21 нова награда освоени на три престижни меѓународни вински натпревари – Balkans International Wine Competition 2026, Vinarium International Wine Contest 2026 и Concours Mondial de Bruxelles 2026 – Винарската визба „Тиквеш“ уште еднаш ја потврди својата позиција како најнаградувана винарница во Југоисточна Европа

(Видео): Премиерот со лоша вест за оние кои не сакаат државата да успее: Раст на индустријата од 7,5% во април

Една од причините зошто има раст на индустријата во април, според премиерот, е и тоа што преку унгарскиот кредит слеани се финансиски средства во домашните компании каде се очекува инвестициите да бидат најмалку двојно поголеми од вложените средства.

(Фото): Во Битола се произведува спортска опрема – отворена фабриката „Брејнчајлд“, инвестиција 11 милиони евра

Премиерот, Христијан Мицкоски, го означи почетокот на работата на фабриката за производство на опрема за спортови на вода и ветер, „Брејнчајлд“ во Битола.

Што ќе значи директната авиолинија Анкара-Скопје за граѓаните и компаниите?!

Во согласност со визијата на претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, за силна регионална соработка и економска интеграција, со решителност продолжуваме да работиме кон остварување на целта за билатерална трговска размена од 2 милијарди долари.

Грин Машинс ќе го придружува Иџе на европските патеки – брендот станува спонзор на најтрофејниот македонски автомобилист

Компанијата Грин Машинс, бренд на БРАКО и еден од водечките светски производители на возила за урбана хигиена, воспостави соработка со најуспешниот македонски автомобилист Игор Стефановски – Иџе, чии тркачки автомобили отсега ќе го носат логото на македонскиот бренд на европските патеки.

Николоски: Почнуваме изградба на нов автопат, Скопје-Блаце ќе е главна артерија за поврзување со Косово и Црна Гора

Реализацијата на овој проект има големо значење за регионалното поврзување и за унапредување на транспортната инфраструктура, со што Македонија дополнително ќе ја зацврсти својата улога како важна транзитна и транспортна врска во регионот. По завршувањето на сите административни процедури и обезбедување на соодветни банкарски гаранции ќе започне изведбата на терен и градежни активности.

Тодор Анѓушев на трибината на МАКО СИГРЕ: Батериските системи се следниот голем чекор во енергетиката

На дебатата се потенцира дека батеријата овозможува електричната енергија да се складира во текот на денот, кога има високо производство од сонце, а пазарните цени се ниски, и да се користи или продава во ноќните часови, кога нема сончево производство, а побарувачката на енергија и пазарните цени се драстично повисоки. На овој начин батериите создаваат добивка за производителот, односно за електраната, а истовремено му помагаат на електроенергетскиот систем на Македонија, штитејќи го од преоптоварување со прекумерни количини енергија во критичните часови од денот.

To top