Свет

Норвешкиот МНР тврди дека Осло го преиспитува односот со ЕУ и можноста за членство

Министерот за надворешни работи на Норвешка, Еспен Барт Ајде, денеска изјави дека земјата повторно го преиспитува својот однос со Европската Унија поради променетите глобални околности и растечкото влијание на политиките на САД и Кина, додека сè повеќе расте притисокот, по двата неуспешни референдуми, да се покрене нова дебата за можното членство во блокот

Министерот за надворешни работи на Норвешка, Еспен Барт Ајде, денеска изјави дека земјата повторно го преиспитува својот однос со Европската Унија поради променетите глобални околности и растечкото влијание на политиките на САД и Кина, додека сè повеќе расте притисокот, по двата неуспешни референдуми, да се покрене нова дебата за можното членство во блокот.

Ајде наведе дека околностите значително се променија од 1994 година и дека ЕУ сега користи инструменти кои претходно не беа активни.

– Овој луд свет надвор, со она што се случува со Кина и САД, ја принудува ЕУ да користи алатки од кутијата кои претходно не беа активни – изјави тој за Фајненшел тајмс, додавајќи дека станува збор за трговската политика и царинската унија во која „не сакаат“ да бидат.

Ајде наведе дека „бенигниот свет“, во кој беа одржани претходните референдуми во 1972 и 1994 година, е заменет со значително понестабилно глобално опкружување, поради што Норвешка мора пореално да го согледа својот однос со ЕУ.

– Рековме не во 1972 година поради рибата и повторно во 1994 година, главно поради рибата и земјоделството – рече норвешкиот министер, со оценка дека тие прашања беа „толку контроверзни што уништија бракови и семејства, оставајќи ги Норвежаните со посттрауматско стресно растројство“.

Норвешка, иако е дел од единствениот европски пазар, останува надвор од ЕУ, а рибарството и земјоделството беа клучните причини за противење на членството на референдумите. Морската храна е најголемиот извозен сектор на земјата по нафтата и гасот.

Шефот на норвешката дипломатија рече и дека норвешкото богатство од нафта и гас придонесува за чувството на економска независност, но додаде дека, доколку референдумот би бил утре, тој би гласал за ЕУ, со напомена дека тоа не значи дека е дојден моментот за негово распишување.

Иако дел од норвешкиот политички врв го поддржува членството, анкетите покажуваат дека мнозинството граѓани и понатаму го отфрлаат влезот во ЕУ, поради што владејачката Лабуристичка партија не планира нов референдум во скоро време.

Најнови вести од: Свет

330 месеци затвор за планиран атентат врз Трамп

За време на судењето, осудениот тврдеше дека „немал друг избор“ освен да ги изврши наредбите, бидејќи лицето кое му давало упатства јасно ставило до знаење дека знае кои се членовите на неговото семејство во Иран и каде се наоѓаат

НАТО и Пентагон разговараат за можното повлекување на американските војници од Европа

Би можело да дојде до намалување на бројот од 80.000 американски војници кои моментално се стационирани на европскиот континент, а целта е да се поттикне Европа да преземе поголем ангажман, овозможувајќи ѝ на американската војска да се фокусира на своите глобални обврски.

Јапонските средношколци што учат македонски јазик во Токио добија вежбанки и книги

Учениците од здружението добиле работни тетратки за вежбање на македонскиот јазик, материјали од „Бушава азбука“, Македонски бајки, како и традиционални омијаге (сувенири) во вид на македонски чоколади и слатки, соопшти Јапонската амбасада

To top