Спорт

ФФМ: Нема попуштање под притисоци и уцени од клубовите

Од ФФМ порачаа дека нема да подлегнат на никакви притисоци и дека правилата ќе важат еднакво за сите клубови во македонскиот фудбал.

facebook.com/ffm.mk

Фудбалската федерација на Македонија (Фудбалска федерација на Македонија) реагираше остро на соопштението на Шкендија, по најавите од клубот дека неговиот спонзор би можел да се повлече од тимот и од македонскиот фудбал доколку не се ревидира дисциплинската казна изречена од Дисциплинската комисија по финалето на Купот на Македонија.

Од ФФМ порачаа дека нема да подлегнат на никакви притисоци и дека правилата ќе важат еднакво за сите клубови во македонскиот фудбал.

Во нивната реакција се наведува:

„Никакви уцени, притисоци или закани нема да ја поколебаат Фудбалската федерација на Македонија во намерата да стави крај на дивеењето на трибините. Почитувањето на противникот, навивачите, законите и државните симболи е обврска за сите и нема да има исклучоци“

Федерацијата додава дека евентуалното повлекување на спонзорот е деловна одлука на клубот, но нагласува дека таквите најави нема да влијаат врз одлуките на надлежните органи.

Реакцијата доаѓа по одлуката на Дисциплинската комисија на ФФМ, со која на Шкендија ѝ беше изречена парична казна од 105.000 евра и исклучување од Купот на Македонија за следната сезона, поради инцидентите за време и по финалниот натпревар против Силекс.

Финалето заврши со победа на Силекс од 1-0, а по натпреварот беа регистрирани повеќе прекршоци, меѓу кои одбивање на фудбалерите на Шкендија да ги примат медалите, исвиркување на македонската химна, националистички навреди и истакнување на спорен транспарент.

Најнови вести од: Спорт

To top