Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека од сите земји што се дел од Европската Унија или ќе бидат, Украина прави најголеми жртви за Европа.
„Меѓу сите европски нации кои веќе се приклучија на Европската Унија или гледаат таква перспектива за себе, Украина е онаа што прави најголеми жртви за Европа“, рече Зеленски во објава на социјалната мрежа Икс.
Како што оцени тој, Киев не спроведува само внатрешни реформи, ниту едноставно поминува низ трансформација, туку се бори за својата државност, независност и за правото да го избере својот пат и да биде Европа.
„Ова наше право е во исто време и право на секој народ во нашиот регион. Се бориме за нашата и нивната слобода, за Европа, за себе и за нив. За балтичките држави и за Полска, за Унгарија и Словачка, за Романија и Молдавија и за народите на Кавказ“, рече украинскиот претседател.
Според него, се одлучува за судбината на Европа.
„Се одлучува во Украина, во оваа војна и во тоа како ќе заврши оваа војна и дали Русија сè уште ќе има сила и желба по оваа војна да го загрози постоењето на Украина и нејзините други соседи, и на цела Европа“, рече Зеленски.
Оваа војна, вели тој, мора да заврши достоинствено и со загарантирана безбедност.
„Ќе разговараме за ова со нашите партнери за време на самитот на Г7 во Франција, а подоцна и на самитот на Европскиот совет и на самитот на НАТО во Анкара“, заклучи тој.
Самитот на Г7 ќе се одржи во францускиот град Евијан од утре до среда.