Спорт

Ѓорческа прва Македонка со победа во Вимблдон

Најдобрата македонска тенисерка ја совлада Шпанката Болуда со 6-2, 6-4 на стартот од квалификациите за гренслемот на трева

Лина Ѓорческа влезе во историјата на македонскиот тенис како прва Македонка што остварила победа во Вимблдон, кадешто денеска го помина првото коло од квалификациите на неофицијалното светско првенство во белиот спорт.

По неуспешните обиди во 2017 и 2024 година, кога беше елиминирана на стартот, најдобрата македонска тенисерка, неделава 223. на ВТА-листата, попладнево славеше со 6-2, 6-4 над Анхела Фита Болуда (213.) од Шпанија и ѝ се реваншира за поразот во единствениот претходен меѓусебен дуел на фјучерсот во Коксајде во 2021 година.

Зад името на 31-годишната тетовка во мечот од 79 минути останаа многу подобри бројки, како освоени повеќе поени (63:51) и неспоредливо поголема ефикасност на мрежа, кадешто оствари ефект 11/13, наспроти 7/21 на противничката на третиот гренслем турнир во сезоната.

Противничка на Ѓорческа во второто квалификациско коло ќе ѝ биде Португалката Франсиска Жорге (226.), која ја елиминира десеттата носителка Далма Галфи (115.) од Унгарија со 7-6 (5), 6-3.

Во единствениот меѓусебен меч досега првиот женски рекет на Македонија има победа во Скопје пред четири години Купот Били Џин Кинг.

Најнови вести од: Спорт

To top