Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) остро реагира по усвојувањето на новиот Закон за игри на среќа и забавни игри, оценувајќи дека дел од неговите одредби се спротивни на Уставот и дека ќе имаат сериозни последици врз индустријата, вработените и државниот буџет. Од АПИС тврдат дека законските решенија, особено обврската објектите за игри на среќа да бидат оддалечени најмалку 500 метри од училиштата, претставуваат дискриминаторска мерка која, според нив, е неизводлива во пракса и ќе доведе до затворање на легалните приредувачи, објави 4news.mk
Во соопштението се наведува дека законот бил донесен без претходна јавна расправа и без да биде објавен на ЕНЕР, со што, според асоцијацијата, на стопанските комори, асоцијациите и претставниците на индустријата им било ускратено правото да учествуваат во подготовката на законското решение. АПИС предупредува дека примената на законот може постепено да доведе до губење на работните места на околу 10.000 вработени во секторот, како и до значително намалување на приходите во државниот буџет. Според нивните проценки, државата ризикува да се откаже од повеќе од 350 милиони евра годишни приходи кои се остваруваат од легалните игри на среќа.
Асоцијацијата смета дека затворањето на легалните објекти ќе создаде простор за развој на нелегално приредување игри на среќа, кое, како што наведуваат, ќе биде надвор од институционална контрола. Притоа потсетуваат на акцијата „Детонатор“ од 2011 година, кога беа запленети околу 1.500 нелегално поставени покер апарати.
Од АПИС порачуваат дека ќе продолжат да ги штитат интересите на своите членки, вработените и странските инвеститори во секторот, нагласувајќи дека очекуваат институциите повторно да ги разгледаат спорните законски одредби.