Регион

Европратеници го предупредија Рама „да не игра со оган“: Или ЕУ, или инвестицијата на зетот на Трамп!

Албанија би можела да се соочи со сериозни последици во пристапувањето кон Европската Унија, ако продолжи со реализацијата на контроверзниот туристички проект на Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп. На ова предупредија европратеници по посетата на земјата, оценувајќи дека проектот претставува закана за заштитените природни подрачја.

Холандската европратеничка Тинеке Стрик, која ја предводеше делегацијата на Европскиот парламент, изјави дека владата на премиерот Еди Рама „си игра со оган“ доколку инсистира на изградбата на луксузното одморалиште вредно 1,4 милијарди евра. Преку британскиот весник „Гардијан“, Стрик порача дека доколку Рама навистина сака Албанија да стане членка на Европската Унија, треба да се откаже од проектот. „Ако европската интеграција е негов приоритет, тогаш треба јасно да му порача на кланот Трамп дека Албанија ја избира Европа“, изјави таа.

Проектот предвидува изградба на луксузен туристички комплекс на островот Сазан и на дел од полуостровот Звернец – подрачја што важат за едни од највредните природни богатства во Албанија. Планот предизвика силни реакции во јавноста, масовни протести и сè погласни барања за преиспитување на одлуката на владата. Минатиот месец Европскиот парламент усвои резолуција во која побара итно запирање на градежните активности во заштитените подрачја и повлекување на законските измени што овозможуваат стратешките инвеститори да добиваат дозволи за изградба во чувствителни природни зони.

Според Стрик, дел од работите веќе предизвикале штета, меѓу кои уништување на шумски појаси, песочни дини и изградба на пат низ заштитено подрачје, што, според неа, не е во согласност со европските стандарди за заштита на животната средина. Таа изрази загриженост и поради информациите за можно нетранспарентно доделување на земјиште и градежни дозволи, нагласувајќи дека Европската комисија внимателно треба да го следи случајот.

Иако Албанија постави амбициозна цел преговорите за членство да ги заврши до крајот на 2027 година, европратениците предупредуваат дека ваквите потези би можеле сериозно да го забават патот на земјата кон Европската Унија. Стрик оцени дека албанските граѓани силно ја поддржуваат европската перспектива и дека протестите не се насочени само против проектот, туку претставуваат и порака за поголема транспарентност, владеење на правото и почитување на демократските објави

Најнови вести од: Регион

Северина со емотивен текст се прости од Ведрана Рудан

– Ведрана, како сте вие, треба ли нешто? – ја прашав едвај задржувајќи ги солзите што само течеа. – Ништо, Севе, само и понатаму еби им мајката на сите – раскажува Северина дел од своите спомени со својата пријателка, писателката Ведрана Рудан

Шестмина повредени во пожар во хотел во Албанија, петмина од Косово

Според прелиминарните податоци, пожарот првично избувнал во барот на првиот кат од зградата, а потоа се проширил на вториот кат, каде што работел хотелот. Од повредените туристи, петмина се од Косово.

To top