Масакрот во Сребреница, познат и како Геноцидот во Сребреница, се случи во периодот од 11 до 23 јули 1995 година за време на војната во Босна и Херцеговина. Воени сили на босанските Срби, предводени од генерал Ратко Младиќ, заедно со паравоени единици од Србија (познати како „Шкорпии“), извршија систематско убиство на над 8.000 босански муслимани, претежно мажи и момчиња.
И покрај тоа што Обединетите нации ја прогласија Сребреница за „безбедна зона“ под заштита на меѓународните сили, холандските мировници (УНПРОФОР) не успеаја да ја одбранат. На 11 јули 1995 година, српските сили влегоа во градот, ги раздвоија мажите од жените и децата, а потоа мажите ги одведоа надвор од градот и ги убиваа во групи.
Најголемиот дел од убиствата се случија во близина на Поточари, каде денес се наоѓа меморијалниот центар. Жените и децата (околу 25.000) беа евакуирани, а градот остана под контрола на српските сили.
Меѓу жртвите имало и деца под 15 години, старци и неколку жени. Прелиминарниот список на исчезнати содржи 8.372 имиња, од кои околу 500 биле под 18 години.
Во 2004 година, Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија (МКСПЈ) едногласно го квалификува масакрот како геноцид. Во 2007 година, Меѓународниот суд на правдата во Хаг пресуди дека Србија ја прекршила обврската да го спречи геноцидот.
До денес, преку ДНК-анализа се идентификувани над 6.000 жртви, а илјадници се погребани во меморијалниот центар во Поточари. Сепак, точниот број на убиени сè уште не е конечен, бидејќи многу тела остануваат неоткриени во масовните гробници.
Масакрот во Сребреница останува најголемата трагедија во Европа по Втората светска војна и еден од најтешките злосторства извршени на европско тло во современата историја.


