Бизнис

Платите, цените и кошницата не стигнаа на седницата на ЕСС, за ова ќе се дискутира наскоро

Државниот пазарен инспекторат извршил контрола на околу 700 производи, при што било утврдено дека во периодот од мај 2025 до мај 2026 година просечните набавни цени се зголемиле за 2,66 проценти, додека продажните цени пораснале за 4,56 проценти.

Иако беше најавено дека на последната седница на Економско-социјалниот совет ќе се разговара за мерки за ублажување на растот на цените на храната и на горивата, како и за владината потрошувачка кошница, овие теми воопшто не се најдоа на дневен ред. Од Сојузот на синдикатите на Македонија, по седницата, порачаа дека не се отворило ниту едно од суштинските прашања што директно го засегаат животниот стандард на граѓаните: платите, цените, условите за работа и заштитата на работниците. Дополнителна забуна предизвикуваат и различните пораки од Владата околу владината потрошувачка кошница. Додека министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, најавува дека таа би можела да почне да се пресметува кон крајот на оваа или почетокот на следната година, заменик-министерот Маријан Ристески само ден претходно изјави дека нејзината примена ќе почне од септември. Министерот Дурмиши, по седницата, изјави дека се разговарало за повеќе прашања поврзани со економските политики, пазарот на трудот и со образовниот систем.

  • Беше усвоена програмата за работа на ЕСС со која се утврдува динамиката за работа за 2026 година. Меѓу темите се политиките за вработување, минималната плата, потрошувачката кошница, работните односи, безбедноста и здравјето при работа, младинските политики, продуктивноста и други прашања што влијаат врз животниот стандард и конкурентноста на економијата – изјави Дурмиши.

На седницата биле разгледани и предлог-законите за високото образование и за квалитетот во високото образование, за кои министерот оцени дека ќе придонесат за создавање поконкурентен кадар што ќе одговори на потребите на стопанството. Сепак, кога станува збор за владината потрошувачка кошница, Дурмиши призна дека воопшто не се разговарало.

  • Ги чекаме забелешките на синдикатите. Во изминатиот период бевме фокусирани на реформската агенда, а сега ќе ѝ се посветиме на просечната потрошувачка кошница, која е прикрај. На некоја од наредните седници ќе биде ставена на дневен ред – рече министерот, додавајќи дека очекува да се случи тоа кон крајот на годинава или на почетокот од следната.

Од Сојузот на синдикатите, пак, велат дека седницата повторно ги заобиколила најважните проблеми со кои се соочуваат работниците. Потпретседателот на ССМ, Иван Пешевски, изјави дека синдикатите не добиле одговори на прашањата што граѓаните ги очекуваат со месеци.

  • Ако продолжи ваквиот демографски тренд, ќе останеме и без работници и без плати. На седницата не беа споменати ниту ниските плати, ниту лошите услови за работа, ниту Законот за безбедност и здравје при работа. Наместо тоа, се разговараше за високото образование и за владините планови за наредните години – рече Пешевски.

Тој потсети дека синдикатите повеќе од 15 години бараат конкретни мерки за подобрување на стандардот на работниците, но, според него, суштински промени сè уште нема.

  • Ако не се обезбедат повисоки плати, иселувањето ќе продолжи, а бројот на вработени ќе се намалува. Синдикалната потрошувачка кошница покажува колку средства се потребни за достоинствен живот и токму таа треба да биде основа за креирање на политиките за раст на платите – нагласи Пешевски.

Тој изрази сомнеж дека владината потрошувачка кошница реално ќе ги прикаже трошоците со кои се соочуваат семејствата, оценувајќи дека животот постојано поскапува, а голем број граѓани сè потешко ги покриваат основните месечни трошоци.

Контролите на Државниот пазарен инспекторат за над 700 производи покажале дека во периодот од мај 2025 година до мај 2026 година, просечните набавни цени кај основните прехранбени производи и средствата за хигиена се зголемени за 2,66 проценти, додека просечните продажни цени пораснале за 4,56 проценти – рече министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, по седницата на Економско-социјалниот совет, одговарајќи на новинарски прашања во однос на контролите.

  • Тоа значи дека дел од растот на малопродажните цени на прехранбените производи и другите производи се зголемуваат поради бруто-профитната маржа која што одредени трговци ја зголемиле оваа година, односно кога се намалиле набавните цени, но тие не ги намалиле своите цени. Таа беше еднаш ставена на дневен ред на Економско-социјален совет, беше разгледана од сите чинители, односно од сите претставници на Економско-социјален совет. Ги чекаме нивните забелешки, нивните предлози. Таа веќе влегува во националната стратегија. И на наредните седници на ЕСС ќе биде разгледана од сите претставници од ЕСС и нормално дека ќе биде достапна и за јавноста, рече Дурмиши.

Најнови вести од: Бизнис

Анѓушев за BLOOMBERG: Македонија може да ја складира евтината струја во батерии да ја извезува кога цените се повисоки

Македонија треба забрзано да ги зголемува капацитетите за складирање електрична енергија преку инсталирање повеќе батериски системи, со што ќе може да ја складира струјата во периодите кога е евтина

Колку чини да се наполни резервоарот во Македонија, а колку преку граница?!

Ако се пресмета резервоар од 50 литри, во Македонија за бензин би биле потребни околу 75,5 евра, додека во Грција околу 100 евра. Кај дизелот, 50 литри во Македонија чинат околу 82 евра, а во Албанија речиси 112 евра.

„Рапид Билд“ ќе го гради гасоводот кон Србија, проектот тежи 29,4 милиони евра

Македонскиот дел од интерконекторот ќе биде долг 22,4 километри, со дијаметар од 500 милиметри. Почетната точка ќе биде кај блок-станицата „Клечовце“, а крајната точка ќе биде на границата со Србија, во близина на селото Сопот.

Револт во Телеком: Директорот со 20 илјади евра плата цел месец не дошол на работа

Незадоволство од актуелниот директор во Македонски Телеком. Дел од раководните структури се револтирани од тоа што генералниот директор Горан Марковиќ според нив, веќе околу еден месец не се појавил на своето работно место во Скопје

(Фото): Одбележен 28 август – благодарност до сите што работат под земја

Во 2025 година во Македонија биле произведени 130.174 тони бакарен, оловен и цинков концентрат, а рударството учествувало со 10,9 проценти во индустриското производство и со 2,8 проценти во вкупниот извоз на државата, истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска по повод Денот на рударите.

Гасификацијата влегува во нова фаза – Македонија се врзува со Грција, Србија и Вертикалниот коридор

Новото раководство на НОМАГАС го предводи Недим Рама, како претседател на Управниот одбор и генерален директор. Крсте Миладинов е заменик-претседател на Управниот одбор и заменик-генерален директор, а членови се Бошко Стефановски, Хајриз Бучи и Огнен Димитров. На чело на Надзорниот одбор е Иво Малинов како независен член и претседател. Во одборот се и Агим Махмути, Златко Ацевски, Катерина Гичев и Саша Ангеловски.

To top