
Во контекст на иницијативата до Уставниот суд од поранешната пратеничка и екслидер на ДОМ, Лилјана Поповска, за преиспитување на уставноста на Вториот протокол од Заедничкаата комисија со Бугарија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски го оцени документот како најштетен во македонската дипломатска историја и таков каков што е во моментов е правно необврзувачки за Македонија.
„Самиот т.н. Втор протокол, којшто произлегува од записник на средба, според мене е еден од најштетните документи во историјата на нашата надворешна политика и, ваков каков што е, нема правно обврзувачки карактер за нас. Неговата содржина и тоа што си го има дозволено да го потпише мојот претходник (Бујар Османи – н.з.) е, најдиректно кажано, катастрофално и може да создаде многу штетни последици. Убеден сум, како правник, дека и во овој момент тој нема никаква задолжителна правна примена и не произведува директни правни обврски за државата“, изјави Муцунски за „Вести плус“ на Канал 5.