Свет

Куќата во која бил роден Хитлер ќе стане полициска станица

Промената има за цел да се спречи зградата на границата со Баварија да привлекува неонацисти

Куќата во која е роден Адолф Хитлер во австрискиот град Браунау ам Ин ќе биде претворена во полициска станица, отворајќи ги своите врати денес по неколкугодишно реновирање, јавува ДПА.

Промената има за цел да се спречи зградата на границата со Баварија да привлекува неонацисти.

Реновирањето чинеше околу 20 милиони евра. Според плановите, комплексот, кој вклучува дополнителни згради и двор, ќе смести полицајци од окружната полициска станица и локалната полициска станица.

Куќата каде што е роден Хитлер на 20 април 1889 година, долго време била во приватна сопственост. Во 2017 година, зградата беше експроприрана по долг правен спор.

Експертски комитет ја отфрли идејата за нејзино уривање или пренјамена во музеј и наместо тоа препорача реновирање што ќе ја направи зградата што помалку препознатлива.

Родното место на Хитлер постојано привлекува крајно десничарски екстремисти.

Австриските власти веруваат дека пренамената во полициска станица е предност, бидејќи сомнителните лица можат веднаш да се проверат на лице место.

Хитлер ја започна Втората светска војна, во која загинаа најмалку 60 милиони луѓе. Се проценува дека околу 6 милиони еврејски мажи и жени биле убиени за време на Холокаустот.

Најнови вести од: Свет

To top