Хроника

Во акции низ Македонија од 27 јули до 2 август 2026 приведени повеќе од 70 дилери на дрога, меѓу кои и од Белгија, Турција и Германија!

Министерството за внатрешни работи во текот изминатата седмица спроведе засилени акции против недозволената трговија со дрога, при што на територијата на целата држава биле уапсени и приведени повеќе од 70 лица. Акциските контроли биле реализирани од 27 јули до 2 август 2026 година, поради сомнение за сторени кривични дела и прекршоци, поврзани со недозволена трговија и поседување дрога.

„При преземените мерки кај лицата биле пронајдени и одземени различни видови дрога, меѓу кои бела прашковидна материја, кафеава прашковидна материја, хашиш и марихуана, како и дробилки и други предмети поврзани со употреба и дистрибуција на дрога.“ – соопшти МВР.

По наредба на надлежен суд кај дел од осомничените биле извршени и претреси. Притоа биле пронајдени дополнителни докази, поврзани со кривичните дела. Меѓу приведените има и странски државјани од Белгија, Турција и Германија.

По целосното документирање на сите случаи против вмешаните ќе бидат поднесени соодветни кривични и прекршочни пријави. Од Министерството за внатрешни работи нагласуваат дека во наредниот период ќе продолжат со засилени активности за сузбивање на недозволената трговија со дрога и откривање на сторителите, заради заштита на безбедноста на граѓаните и одржување на јавниот ред и мир.

Најнови вести од: Хроника

To top