Спорт

Македонија, Србија и Словенија со заедничка кандидатура за ЕП 2034 за ракометари

Две групи од прелиминарната фаза би се организирале во земјава, а завршницата во Белград

Долгогодишната идеја конечно е конкретизирана со официјализацијата на заедничката кандидатура на Македонија, Србија и Словенија за организирање на Европското првенство за ракометари во 2034 година.

Според договореното меѓу трите земји, Македонија би била домаќин на две од групите во прелиминарната фаза, а завршницата би се одиграла во Белград.

„За мене претставува посебна чест и задоволство што Ракометната федерација на Македонија прави уште еден значаен чекор напред и што заедно со ракометните сојузи на Србија и Словенија учествува во заедничка кандидатура за организација на машкото ЕХФ ЕУРО 2034. Верувам дека сите три федерации, со своите богати искуства, капацитети и ракометна традиција ги имаат сите предуслови да одговорат на барањата и стандардите на Европската ракометна федерација и успешно да организираат Европско првенство на највисоко ниво. Македонија е ракометна земја.

Ракометото со децениии е длабоко вткаен во нашата спортска традиција и историја, создавајќи генерации успешни ракометари и ракометарки. Со својата популарност, како и со резултатите остварени на европско и светско ниво, слободно можам да кажам дека ракометот е спорт број 1 во Македонија и дека така останува. За нас оваа кандидатура е прилика за уште еден голем исчекор и потврда дека Македонија има капацитет да биде дел од организацијата на најголемите европски ракометни настани. Се надеваме дека нашата заедничка кандидатура ќе добие доверба и дека во 2034-та заедно со Србија и Словенија ќе бидеме успешни домаќини на ЕХФ ЕУРО“, изјави претседателот на РФМ, Александар Стефанов.

 

Најнови вести од: Спорт

To top