Министерката за образование Весна Јаневска порача дека Кисела Вода е една од општините со зголемен број првачиња, додека премиерот Христијан Мицкоски најави продолжување на инвестициите во образовната инфраструктура Кисела Вода е општина во која се зголемува бројот на првачиња, што е особено позитивен знак, истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска при отворањето на новата спортска сала во подрачното училиште во населбата Припор.
На отворањето присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски и градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска. Новата спортска сала се простира на 460 квадратни метри, а во нејзината изградба се инвестирани 19.410.970 денари. Јаневска им честиташе на учениците, наставниците и жителите на Кисела Вода, нагласувајќи дека салата е изградена според современи стандарди и ќе овозможи подобри услови за наставата по физичко образование и спорт.
- Кисела Вода е општина што има прилив на првачиња и тоа нè прави особено среќни. Со тоа се обидуваме да ги исполниме условите тие да останат тука – рече Јаневска.
Таа посочи дека во изминатите две години во образовната инфраструктура се инвестирани околу 90 милиони евра, а најави и нови проекти во Кисела Вода. Во општината се гради спортска сала во ООУ „Кузман Јосифовски-Питу“, а се планираат и реконструкции на салите во училиштата „Круме Кепески“ и „Кузман Шапкарев“. Покрај тоа, во училиштата „Кузман Јосифовски-Питу“, „Круме Кепески“ и „Рајко Жинзифов“ во Пинтија ќе се доградат по шест училници. Целта, според Јаневска, е во речиси 90 отсто од училиштата во општината да се обезбеди едносменска настава.
Премиерот Христијан Мицкоски порача дека инвестициите во училишната инфраструктура се инвестиции во иднината на децата.
- Добро е кога се гради, добро е кога се исполнуваат потребите на најмалите, на децата. Кога спортуваат, се дружат и се натпреваруваат, тие го градат и својот дух во правилна насока – рече Мицкоски.
Тој најави дека Владата ќе продолжи да ги поддржува проектите во општините.
- Повеќе од 1.200 проекти веќе се реализираат на целата територија на државата и мислам дека Македонија во моментот е претворена во едно големо градилиште – истакна премиерот.
Мицкоски ги повика градоначалниците преку ЗЕЛС да подготвуваат нови проекти, најавувајќи дека Владата планира дополнително да насочува средства од централниот буџет кон општините. На крајот, тој посака од новата сала да произлезат идни спортисти и репрезентативци кои ќе ги бранат боите на Македонија.
Градоначалничката на Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, рече дека изградбата на салата во Припор е реализација на долгогодишно барање на жителите. Таа нагласи дека проектот е реализиран во соработка со Владата и Министерството за образование.
- За Општина Кисела Вода и за населбата Припор ова беше едно барање кое трае подолго време. Решаваме голем проблем и, во соработка со Владата и ресорното министерство, ги решаваме проблемите што се децениски – рече градоначалничката.
Таа посочи дека во општината се реализираат и други проекти во училиштата „Невена Георгиева-Дуња“ и „Кирил Пејчиновиќ“ во Драчево. Стаменкоска Трајкоска додаде дека Општина Кисела Вода обезбедува униформи за сите ученици и ранци за сите првачиња. Посакуваме секоја година бројот на првачиња да биде сè поголем – порача таа.