Македонските амбасадори и конзули во четврток и петок доаѓаат во Скопје на состанок и консултации со државниот врв. По седум години пауза дипломатите на состанок на Амбасадорскиот Совет ќе го претстават направеното во нивниот мандат но и ќе добијат насоки како да ги застапуваат државните позиции за интензивирање на евроинтеграциите на Македонија. Посебен акцент на годинашниот Совет ќе биде ставен на економската дипломатија.
– Потребна ни е дипломатија која предвидува. Која реагира навремено. Која гради партнерства. И која одлучно ги штити националните интереси – додаде Муцунски.
Во моментов 11 ДКП немаат именуван амбасадор, но Муцунски најавува завршување на тој процес во следната година. Во следните 6 месеци ќе се испразнат уште 7 амбасадорски позиции на кои завршува мандатот. Потврди дека дипломатот од кариера Крум Ефремов ќе биде нов амбасадор на Македонија во Бугарија и набрзо заминува на својата мисија. Во тек е постапката и за именување на нов амбасадор во Атина но детали не се откриваат бидејќи се уште се во фаза на калсифицирани информации.
Муцунски: Историјата, идентитетот, јазикот и културата се нашите црвени линии
Шефот на дипломатија ги негира обвинувањата на опозцијата дека дал изјава за преговори надвор од радарот, потенцирајќи дека постојан дијалог има со сите страни, но без гаранции за македонските национални интереси не е можно одржливо решение.
Како дел од дипломатската офанзива од МНР најавија дека утре во официјална посета на државата ќе престојува шефот на чешката дипломатија Петр Мацинка, кој ќе биде и еден од говорниците на Амбасадорскиот совет. Во фокусот на разговорите ќе бидат продлабочувањето на билатералните односи, европската перспектива, економската соработка и актуелните регионални и меѓународни прашања.