Професионалните возачи од земјава на 31 август ќе одржат протест пред седиштето на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, поради проблемот што го имаат со престојот во земјите од Шенген-зоната, која настана по воведувањето на системот за влез и излез – ЕЕС (Entry/Exit System) во Европската Унија. Ова го соопшти Асоцијатацијата „Макам-транс“, од каде што наведуваат дека одлуката за протестот, кој ќе трае два часа, била донесена во петокот, минатата недела, на состанок на превозниците, на кој се разговарало за проблемот што го имаат веќе неколку месеци.
Најавено е дека пред седиштето на Делегацијата на ЕУ ќе присуствуваат превозниците ќе дојдат со најмалку 20 возила, а ќе бидат присутни и голем број лица од сите градови во државата – сопственици, возачи и други вработени во превозни компании.
Вакви протести, како што информираат од „Макам транс“, покрај во земјава, истиот ден ќе се одржат и во Србија, Босна и Херцеговина (БиХ) во временскиот период од 12 до 14 часот. Превозниците ќе го одржат протестот еден ден пред состанокот на Работната група во Брисел.
- „Доколку на состанокот не се донесе преодно решение за престој на возачите во Шенген-зоната, предложено е да се одржи протест на граничните премини на секоја држава поодделно со почеток на 14.09.2026 година“, се вели во соопштението на Асоцијацијата.
За овој вид протест, како што додаваат оттаму, потребна е согласност од превозниците на секоја држава, но и одобрение од надлежните органи, бидејќи се планира тој да биде идентичен со оној што превозниците го одржаа во јануари годинава, и може да трае подолго од 10 дена.
- „Во оваа фаза асоцијациите од четирите држави собираат согласност од превозниците за организација на протестот како предупредување на Европска Унија, која во изминатите седум месеци не покажа добра волја за надминување на проблемот иако во визната стратегија се признаа возачите како професионалци кои вршат дејност“, се наведува во соопштението.
Според „Макам-транс“, ќе се бара согласност од надлежните органи за дефинирање на стоките кои ќе се пропуштаат, а се од интерес на државата и целокупното население, односно нафта и нафтени деривати, јаглен, потребни орудија и препарати за општините и јавните претпријатија, муниција и други производи.
- „За оваа цел е пратена анкета како би се утврдила согласноста од поголем број на превозници (70%) во државата или одбивање на предложениот протест доколку генерално нема согласност од превозниците“, се вели во соопштението.