На 29 август 2026 година, воена тревога го крена унгарското воено воздухопловство и ја вознемири Европа откако мал авион од типот Cessna 172 бил украден и се движел директно кон нуклеарната централа Пакс.
Инцидентот предизвика итно полетување на два борбени авиони од типот JAS 39 Gripen за да го пресретнат леталото во строго заштитената зона.
Пијан 24-годишен маж, опишан од полицијата како конфузен и под дејство на алкохол, неовластено го одзел авионот Cessna 172 од аеродромот во градот Калоча.
Воените радари веднаш го детектирале леталото но во меѓувреме узурпаторот навлегол во забранетата безбедносна зона околу нуклеарната централа Пакс и изведувал маневри во воздухот.
Во близина на нуклеарката е забранет секаков цивилен сообраќај во радиус од 3 километри и до висина од 6.000 метри.
Откако бил забележан авионот, од воената база во Кечкемет итно биле кренати два унгарски ловци Gripen.
По кратка потера, авионот Cessna извршил принудно слетување во близина на селото Герјен, паѓајќи во сончогледово поле, при што е оштетен неговиот трап.
Како што потврди унгарскиот министер за одбрана, во инцидентот нема повредени лица. Воените авиони кружеле над местото на падот сè додека не пристигнале спасувачките хеликоптери и копнените полициски екипи. Осомничениот веднаш бил приведен од страна на полицијата, а истрагата за мотивите и точните околности е во тек.