Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утре и задутре ќе учествува на 21. меѓународна конференција – Бледски стратешки форум, во Блед, Република Словенија.
Во рамките на форумот, кој оваа година се одржува на тема „Моќта да ја обликуваме иднината“, министерот Муцунски ќе биде говорник на панел-дискусијата „Геополитички превирања: Централна и Југоисточна Европа во свет на коридори, безбедност и проширување“, во рамките на која ќе бидат разгледани геополитичките трансформации што ги редефинираат меѓународните односи.
Покрај учеството во официјалната програма, министерот Муцунски ќе присуствува и на работен појадок со министрите за надворешни работи од регионот, на кој ќе се направи пресек на актуелните состојби и предизвици на Западен Балкан.
На маргините на настанот, предвидено е министерот Муцунски да оствари повеќе билатерални средби со колеги министри, како и со претставници на меѓународни организации, учесници и гости на форумот.