
Пишува: Свето Тоевски
Авторот на овие редови со многу аргументи го означува Волф Ошлис како „македонски Германец“ и „Германски Македонец“.

Токму во ваков контекст нималку случајно самиот тој ќе ја издаде својата бележита научна студија со укажувачки наслов „Книгата „ГерМакедонија (Студии за македонско-германската заемност низ вековите) на 19 декември 2012 година од издавачката куќа [„Македоника литера“] од Скопје. Со смртта на Волф Ошлис (1941–2026) Македонија загуби еден од своите најпосветени странски македонисти, а германската славистика и политичка публицистика изгубија автор кој речиси половина век истражуваше, пишуваше и говореше за македонскиот јазик, македонската култура, историја и национална посебност.
Ошлис не беше само „пријател на Македонија“. Беше германски славист, политиколог, публицист и долгогодишен истражувач на македонската проблематика, автор и коавтор на капитални дела за македонскиот јазик и култура. Неговата работа има особена тежина токму затоа што доаѓаше од германскиот научен и интелектуален простор, практично од срцето на интелектуална и научна Европа. Во 2019 година Ошлис беш одликуван со „Медал за заслуги за Македонија“, со образложение: „за исклучителен придонес за афирмацијата и за популаризацијата на современиот македонски јазик, литература и култура во Сојузна Република Германија, како и за унапредувањето на пријателските односи меѓу Република Македонија и Сојузна Република Германија.“
Ошлис: Македонскиот народен јазик како темел на македонската самобитност

Еден од најзначајните текстови на Ошлис е неговата студија „Проблемот на јазикот на Македонците во трудовите на раната германска македонистика“. Во неа Ошлис силно аргументира дека македонскиот јазик не е политичка конструкција, што започнува со некој и нечиј административен акт, туку оти македонскиот народен јазик е основата, врз која во текот на многуте векови наназад во историјата се развива современата македонска писменост. Тој систематски ги истражува германските научници, географи, слависти, публицисти и патеписци, кои пишувале за Македонија уште во XIX и почетокот на XX век.
Во оваа студија за раната германска македонистика Ошлис покажува дека постоеле германски научници, кои експлицитно ги третирале Македонците со нивниот македонски јазик како посебен етникум. , Ошлис укажува на ставот на германскиот славист Алфонс Маргулиес ека самобитноста на македонскиот јазик „не само што е неспорна, туку и лесно разбирлива“. Особено значајно е неговото истражување на германскиот географ Леонард Шулце-Јена .Ошлис пишува дека Шулце-Јена ги отфрлил „сите напори однадвор да ги поделат Македонците според етнички, јазични и други критериуми, за да им се досудува припадноста на некоја друга народност.“ И додава дека Шулце-Јена не само што зборувал за сопствениот јазик на Македонците, туку го документирал со конкретен македонски лексички материјал.
Неговата најдиректна борба беше против тезата дека македонскиот е „вештачки јазик“, „создаден во 1944/1945 година“. Токму затоа неговиот „Учебник по македонски јазик во 50 лекции“ („Lehrbuch der makedonischen Sprache in 50 Lektionen“ има многу поголемо значење од обичен учебник. Првата верзија, објавена во 1984 година во соавторство со Вера Боиќ, беше претставена како првиот учебник по македонски јазик објавен надвор од границите на поранешна Југославија; Ошлис потоа целосно го преработил и проширил делото, објавувајќи ја новата верзија во 2007 година.
Од Мисирков до современа Македонија
Ошлис не остана само на лингвистиката. Тој го преведе на германски јазик капиталното дело на Крсте Петков Мисирков, „За македонцките работи“. Објави и повеќе други студии за Мисирков, Блаже Конески, македонската книжевност, за Охридската книжевна школа, АСНОМ и германско-македонските културни врски. Но, научната вредност на Ошлис е токму во тоа што тој не ја сведува македонската историја само на АСНОМ. Неговите истражувања одат наназад кон германските сведоштва за Македонија од XIX и раниот XX век, а неговиот интерес и истражувања на македонската историја се протегаат од Наум Охридски и Миладиновци, преку Мисирков, до Конески и современата македонска држава.

Ошлис не беше само научник — беше и јавен бранител на Македонија среде интелектуално-наушна, но и политичка Европа. Тој беше моќен европски и светски политичко-јазичен амбасадор на македонската кауза, на Македонското прашање. Тука се огледа неговата посебност. Тој беше политиколог и публицист, па неговото пишување не остануваше затворено во славистичките катедри. Пишуваше за современа Македонија, кризата од 2001 година, за македонското иселеништво и германско-македонските односи.
Ошлис остава трајно наследство како научен бедем против секое негирање на правото на Македонците самите да ги именуваат како македонски својот идентитет, историја и јазик
Волф Ошлис пет децении го изучуваше македонскиот јазик, ја истражуваше македонската историја и култура, го преведуваше Мисирков, пишувал за АСНОМ, учествуваше на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура. Со својата научна и публицистичка работа го внесуваше македонското прашање во германскиот и европскиот јавен простор. Неговата најголема заслуга не е во тоа што „застанувал на македонска страна“ во политичките спорови. Неговата најголема заслуга е тоа што македонската посебност ја бранеше, пред сè, со документи, со јазик, со научни извори и со сведоштвата на европските автори. Затоа неговото наследство ќе задобива допрва уште поголема важност во овој период кога повторно се оспоруваат македонскиот јазик, националниот идентитет, историската посебност и културната самобитност.
Ошлис остави зад себе моќно научно наследство во прилог на македонската кауза. Неговата смрт не е само загуба за македонскиот народ и Македонија. Таа е загуба за германската славистика, но и за европската македонистика. А неговото дело останува и како научен бедем против секое негирање на правото на Македонците да ги именуваат како македонски сопствената историја, култура, јазик и идентитет.