Колумни

Волф Ошлис: Злонамерните соседи му ги оспоруваат идентитетот, јазикот и името на македонскиот народ, заради „апетитите“ да ја присвојат македонската земја! (1)

„Духовниот воин“ за Македонското прашање во Европа и светот проф.д-р Волф Ошлис како врвен германски политиколог, славист, публицист и професор цели пет десетлетија стоеше непоколебливо на браникот на македонската кауза, служејќи како автентичен, меѓународен глас за вистината за Македонија.  Ошлис со германска научна прецизност и своевиден македонски инает непоколебливо и неуморно ја ширеше македонската вистина низ светот. Неговиот политичко-јазичен ангажман за Македонија и Македонците, за Македонското прашање,не беше само длабок академски интерес, туку негова животна мисија, посветена на одбраната на македонскиот идентитет, историја, народ и јазик од сите обиди за нивно негирање.

Пишува: Свето Тоевски

Научниот штит на Ошлис против негирањето на македонскиот идентитет од страна на „злонамерните соседи со апетит за присвојување на македонската земја“

Германските научни платформи објавија дури вчера дека на 18 август 2026 година почина професор доктор Волф Ошлис, германскиот и европски македонист со непроценливо значење на неговиот политичко-јазичен македонистички ангажман за македонскиот народ и јазик, за одбраната на националната, идентитетска, јазична, културна и историска засебност и самобитност на Македонците наспроти сите нивни негирања како народ. Професорот Ошлис изгради не само научен штит, туку цела неразрушлива научна тврдина на аргументи, која ги одбиваше сите асимилаторски и негаторски тези од соседите. Неговите трудови јасно докажуваа дека Македонија не е ниту дел од косовскиот проблем, ниту западнобугарска покраина, туку суверена, историска и јазична реалност во срцето на Балканот.

„… непријателски настроените, злонамерни соседи му ги негираат на македонскиот народ неговиот идентитет, неговото име, неговото знаме и т.н…Но, Македонците знаат од сопствената историја дека одбивањето да се признае македонскиот идентитет е само другата страна на соседскиот ‘апетит’ кон македонската земја: оној што ги смета Македонците како Западни Бугари, или како Јужни Срби, пропагандно ја создава претпоставката за анексија, за присвојување на македонската земја!“ – ќе нагласи Ошлис уште пред 31 година во својот текст со наслов „Македонија ’95: Извештај за службено патување на 28-миот Семинар за македонски јазик, литература и култура во Охрид, Република Македонија, август 1995 година“.

Проф.д-р Волф Ошлис

Волф Ошлис беше еден најистрајните и најпосветени германски научници и публицисти, кои со децении ја проучуваа, ја објаснуваа и ја претставуваа Македонија пред европската јавност – не како туѓа балканска периферија, туку како историска, политичка, културна и јазична реалност со сопствена историја, со самосвоен народ и јазик, со сопствен идентитет. Неговиот превод на капиталното дело „За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков на германски јазик (2012) претставуваше жесток удар врз сите фалсификати на македонската историја, покажувајќи им на на германското јазично подрачје и пошироко на интелектуална и политичка Европа дека македонската национална свест има длабоки и автохтони корени. Дека тие корени не се „бугарски историски корени“, како што стои во Вториот протокол, преговарачката рамка, во „Бугарската национална доктрина за 21 век“. Германскиот превод на „За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков беше и останува и натаму жесток удар и врз лагите дека Македонците се „современ народ, смислен и создаден во политичката лабораторија на Коминтерната и Тито“.

Авторот на овие редови со многу аргументи го означува Волф Ошлис како „македонски Германец“ и „Германски Македонец“.

Токму во ваков контекст нималку случајно самиот Ошлис ќе ја објави својата бележита научна студија со укажувачки наслов „Книгата „ГерМакедонија (Студии за македонско-германската заемност низ вековите)“ на 19 декември 2012 година во издание на издавачката куќа „Македоника литера“ од Скопје. Во својот научен труд со наслов „Македонецот Наум Охридски и Германецот Регино фон Прим како европски дипломати“, објавен во „ГерМакедонија“ Ошлис истакнува: „Средновековните германски писатели не правеле никакво разликување меѓу древна Македонија и било која друга македонска земја. Што се однесува до нив, Македонија од секогаш постоела како посебност. Тие осознале дека Македонија и понудила на Европа најдобри примери на мудрост. Од таму, според нив, ако Европа ја изгуби Македонија, наскоро ќе се изгуби и самата себе си!“ Но, Ошлис го стави во денешен политички контекст ова дамнешно предупредување од средновековните германски писатели, нагласувајќи го значењето на Македонија за цела Европа и истакнувајќи и тој дека Европа набргу ќе се изгуби самата себеси, ако ја изгуби Македонија!

(продолжува)

(Авторот изнесува во оваа колумна согледувања од сопствена објективна политиколошко-лингвистичка анализа, кои немаат никаква поврзаност со ниедна политичка партија во Република Македонија, ниту се став на редакцијата на „Експрес“)

 

Најнови вести од: Колумни

Борбата на „Духовниот воин“ за Македонија Волф Ошлис против фалсификатите дека македонскиот е „вештачки јазик“, „создаден во 1944/1945“! (2)

Еден од најзначајните текстови на германскиот македонист Волф Ошлис е неговата студија „Проблемот на јазикот на Македонците во трудовите на раната германска македонистика“. Во неа тој силно аргументира дека македонскиот јазик не е некаква политичка конструкција, што започнува со некој и нечиј административен акт, туку оти македонскиот народен јазик е основата, врз која во текот на многуте векови наназад во историјата се развива современата македонска писменост.  Во оваа студија за раната германска македонистика Ошлис покажува дека постоеле германски научници, кои експлицитно ги третирале Македонците со нивниот македонски јазик  како посебен етникум и посебен јазик.

Телеграмата на Рендел од 25.8.1940 од Софија за Македонците наспроти „немакедонските Бугари“, која ги урива бугарските негирања на македонскиот народ!

„Македонците сè уште се прилично под сенка… тука во Бугарија. Повеќето немакедонски Бугари сметаат дека Македонците донеле повеќе неволји… отколку што биле од корист.  .. Мнозинството од македонското население се стреми кон независна Македонска Република.“ – ќе нагласи британскиот амбасадор во Бугарија Џорџ Рендел во своето писмо, кое го испраќа до британското Министерство за надворешни работи – Форин Офисот на денешен ден, на 25 август 1940 година од Софија.

Кристина Крамер, врвниот светски амбасадор на македонскиот идентитет и јазична самобитност: Македонскиот јазик има своја историја и корени!

Проф. д-р Кристина Крамер, врвна македонистка од Канада, е добитник на годинашната најголема награда за македонистика „Воздејства“ како највисоко признание за нејзиниот извонреден и долгогодишен придонес во афирмацијата, изучувањето и претставувањето на македонскиот јазик, литература и култура во светот. Ова престижно признание, кое традиционално го доделува Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), на 20 август 2026 година ѝ го врачи на Крамер ректорката Биљана Ангелова на свеченото отворање на 59-тата Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Охрид. Наградата „Воздејства“ симболично го заокружува нејзиниот статус како еден од најважните современи странски македонисти. Македонските и македонистичките воздејства на Кристина Крамер траат веќе 40 години без прекин и продолжуваат со безмалку ист интензитет. Крамер е неуморен амбасадор на македонската книжевност, преведувајќи капитални дела од автори како Лидија Димковска, Гоце Смилевски, Луан Старова. За преводот на поезијата на Ацо Шопов ја освои и меѓународната награда „Драги“ во 2025 година. Канадската македонистка е и вистински светски амбасадор на македонскиот народ и неговиот македонски идентитет, на македонскиот јазик.

Лазо Ангеловски, ѕверски усмртен од грчката војска на 19.8.1948: Народ не се уништува со еден одземен живот, туку закрепнува со духот на маченикот!

„Не, јас не сум Евангелидис Лазарос, туку Ангеловски Лазо. Ние не сме Грци, туку Македонци. Јас верувам во мојот народ… Me убедувате дека не постои таков народ, но, ете, погледнете од Лерин кон север… Тие таму живеат и се радуваат на својата извојувана слобода!“ – со овие зборови му одговорил Лазо Ангеловски, револуционерот и деец за слободата на Македонците во Егејска Македонија, на началникот на затворот во Лерин во август 1948 година. Иследникот барал од претепаниот Лазо, уште незалекуван од добиените рани, да се откаже од своите револуционерни и македонски идеали. Му нудел дека ќе се спаси така. Лазо остро му се спротивставил: „Народ не умира, ниту се уништува со еден одземен живот, туку тој народ од духот на маченикот сѐ повеќе закрепнува!“ Лазо Ангеловски станува легенда на маченик мeѓy месното население во егејскиот дел на Македонија и идеал за храброст на идните македонски поколенија, запишал историчарот Христо Ивановски во својот научен труд за Ангеловски. Денес навршуваат 78 години од херојската смрт на овој велик Македонец, ѕверски усмртен од грчките монархофашисти на 19 август 1948 година.

Лант, водечкиот светски македонист и автор на македонската граматика од 1952, ја „бетонира“ вистината за самобитноста на македонскиот јазик и народ!

Уште пред седум децении американскиот македонист Хорас Лант целосно ги поби сите негаторски тези дека некој го „измислил македонскиот јазик во 1944/1945 година“ по своја „милост“, како што „трубат“ Бугарите денес низ Европа. Во текот на својот научен престој во Македонија и врз основа на систематската анализа на фонологијата, морфологијата и синтаксата на македонскиот јазик Лант потоа ја пишува својата знаменита „Граматика на македонскиот книжевен јазик („A Grammar of the Macedonian Literary Language“), која е објавена во Скопје во 1952 година. Ова дело претставува прва целосна научна граматика на современиот македонски литературен јазик, напишана според западни лингвистички стандарди и наменета за меѓународната научна јавност. Оваа граматика го разгоре гневот на бугарските националисти, кои го сметаа македонскиот јазик како „западен дијалект на бугарскиот јазик“. Лант почина на 11 август 2010 година. Денешното навршување на 16-тата годишнина од неговата смрт е соодветна пригода за должно осврнување кон неговото македонистичко дело, кое е од исклучително значење за македонскиот народ.

Народниот херој Михајло Апостолски, генералот, кој се бореше со оружје и наука против бугарскиот окупатор и великобугарскиот шовинизам кон Македонија

„Срцевината на бугарската политика се барањето Македонија да се присоедини со Бугарија и непризнавањето на македонската нација. Таа теорија со таканаречени ‘научни методи’ денес ја разработуваат бугарските историчари. Тие се обидуваат да докажат дека Македонија е Бугарија, односно дека Македонците се Бугари. Тоа е смешно. Тоа не е историја! Како може некому му да се промени нацијата со политикантски декрет? Националното чувство не може да се промени.“ – нагласи генералот Михајло Апостолски во интервју дадено за белградскиот часопис „Дуга“ број 261 од 25 февруари 1984 година. Тоа е народниот херој, човекот што командуваше во Втората светска војна со Главниот штаб на народноослободителната војска на Македонија и првиот претседател на Македонската академија на науки и уметности. Изворните сведоштва и забелешки на Апостолски за бугарската окупација и историските манипулации на Бугарија, оставени во неговите дела, интервјуа и историски документи, се од првокласно значење за политичката и и севкупна национална историја на македонскиот народ. Денес, на 7 август 2026 година се навршуваат 39 години од неговата смрт и ова е пригода за повторно сеќавање за животот и делото на Михајло Апостолски, една од клучните личности на генерацијата, која со оружје ја извојува слободата и ја втемели државноста на македонскиот народ, а со перо и наука ја ширеше и ја бранеше македонската национална и јазична самобитност ширум Европа и светот.

Ватрослав Јагиќ, светскиот афирматор на посебноста на македонскиот народ, идентитет и јазик, наспроти сите оспорувања на неговото постоење!

На денешен ден, на 5 август 1923 година починал хрватскиот јазичар Ватрослав Јагиќ, славист со огромно значење за македонскиот јазик и македонистиката. Тој има непроценливо, пионерско значење за македонскиот народ и јазик. Како еден од најголемите светски слависти во XIX и почетокот на XX век, тој со својот научен авторитет ги извлече македонскиот јазик и македонистиката од сенката на соседните пропаганди и ги  постави на рамноправно рамниште во светската наука. Јагиќ му даде на македонскиот јазик научен легитимитет на меѓународната сцена уште пред да биде кодификуван во 1944 / 1945 година. Од непроценливо значење е широката и голема меѓународна афирмација на македонскиот јазичен идентитет, која ја вршел со своите научни активности овој хрватски и европски јазичар. Иако дејствувал во време кога македонскиот јазик немал официјален статус, Јагиќ во своите научни студии јасно го издвојувал македонскиот јазичен и дијалектен простор како посебен и специфичен во рамките на јужнословенската јазична група. Улогата на Ватрослав Јагиќ во одбраната на македонскиот национален и етнојазичен идентитет била првенствено научна: дејствувајќи како силен штит против асимилаторските пропаганди на соседните балкански држави во XIX век. Во време кога македонскиот народ немал своја држава, ниту политичка моќ, Јагиќ го користел својот авторитет како водечки светски славист, за да ја докаже научната вистина за Македонија. И денес, 103 години по својата смрт, Јагиќ продолжува жестоко да ги негира сите негирања на македонскиот народ, идентитет и јазик, во прв ред „епохалните вистини“, кои ги пласираат Бугарската академија на науки и грчките „научници“ за „непостоењето“ на македонскиот јазик и на Македонците како народ.

Најнови вести

To top