Пожарот кај штипското село Селце, кој утрово бил ставен под контрола, попладнево поради високите температури и силниот ветер, повторно се разгорел и претставувал опасност по викендиците. Според директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов, засега се држи пожарот под контрола и на повеќе места се наоѓаат доволен број на пожарникари.
Во овој појас има сигурно стотина викендици. Засега имаме контрола. На повеќе места се поставени доволен број пожарникари и очекувам до вечер да имаме контрола барем на делот што ги загрозува викендиците, вели Ангелов. Во гаснењето на пожарот ангажирани се голем број пожарникари од Источна Македонија и од огнените тимови на Дирекцијата за заштита и спасување.
Ангелов изрази благодарност до пожарникарите кои, како што рече, со натчовечки напори и голема пожртвуваност успеале да ја запрат линијата на огнот која предизвикувала најголема загриженост поради опасноста за викендичките.
Според него, во подрачјето покрај пресушената река Лакавица има голем број викендички, поради што приоритет на екипите било да го спречат огнот пред да стигне до објектите. Тој посочи дека во моментов на тој дел од пожарот е воспоставена контрола, а на повеќе места се распоредени доволен број пожарникари.
Ангелов очекува до вечерва под контрола да остане најмалку делот од пожарот кој ги загрозува викендичките.
Проблем останува горниот дел од пожарот, кој се движи во насока на планината Серта. Според Ангелов, екипите ќе се обидат да го спречат неговото ширење кон планината, подрачје кое и во претходните летни сезони беше зафатено од шумски пожари. Во гаснењето од воздух се вклучени и „ер тракторите“ на Дирекцијата за заштита и спасување, како и два хеликоптери – еден полициски и еден армиски. Екипите остануваат на терен, а активностите продолжуваат со цел пожарот целосно да биде ставен под контрола и да се спречи неговото ширење кон Серта.