Македонија

Генералниот директор на „Алкалоид“ меѓу највлијателните во регионот

Генералниот директор и претседател на Управниот одбор на фармацевтскиот гигант АД „Алкалоид“ од Скопје се најде на 38. место на листата на најбогати луѓе во регионот, а неговото богатство белградскиот магазин „Недељник“ го процени на 651.330.000 евра

Во рамки на специјалната серија анализи и репортажи „Регионален скенер“ на медиумот „Пословни дневник“, која детално ги мапира најмоќните претприемачи и клучните инвестициски циклуси во регионот на Југоисточна Европа, Живко Мукаетов е рангиран како најбогат бизнисмен во Македонија.

Генералниот директор и претседател на Управниот одбор на фармацевтскиот гигант АД „Алкалоид“ од Скопје се најде на 38. место на листата на најбогати луѓе во регионот, а неговото богатство белградскиот магазин „Недељник“ го процени на 651.330.000 евра, пренесе „Фактор“.

Мукаетов својата кариера ја започнува во „Алкалоид“ на 25-годишна возраст, во септември 1999 година, тргнувајќи од основните хиерархиски нивоа во компанијата. Преку низа управувачки позиции, во мај 2006 година тој беше именуван за генерален директор, а подоцна и за претседател на Управниот одбор. Претходно, со компанијата управуваше неговиот татко, Трајче Мукаетов, кој беше на нејзино чело од 1985 година.

За „Алкалоид“, регионот е главната отскочна даска од која се гради глобалната стратегија. Скопската компанија располага со производствен погон во Белград, хемиска лабораторија во Љубљана и корпоративен правен тим во Загреб, а разви и специфични модели на соработка со конкурентите во Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина. Под раководство на Мукаетов, компанијата порасна за околу четири и пол пати во изминатите 18 години.

„Пред сè, ова се должи на изградбата на портфолио на производи кои имаат додадена вредност, диференцирани се од конкуренцијата, квалитетни се и конкурентни на пазарот“, истакна неодамна Мукаетов во интервју за „Ал Џазира Балканс“.

Изминатата година „Алкалоид“ оствари раст на консолидираната продажба од 10 проценти, достигнувајќи вредност од 339,3 милиони евра. Во периодот јануари – декември, компанијата забележа консолидирана нето-добивка од 29,2 милиони евра, раст на ЕБИТДА (EBITDA) од 20 проценти и реализираше инвестиции во износ од 18 милиони евра.

Вкупната консолидирана продажба остварена на домашниот македонски пазар бележи зголемување од дури 20 проценти во споредба со претходната година, со што фармацевтскиот гигант ја потврди својата доминантна позиција и на домашен и на меѓународен план.

Покрај Мукаетов, во ова елитно регионално друштво на највлијателни бизнис-лидери според анализата на „Пословни дневник“ се наоѓаат и Мирослав Мишковиќ („Делта холдинг“) и Петар Матијевиќ („ИМ Матијевиќ“) од Србија, Паво Вујновац („ЕННА Group“, „Фортенова“), Емил Тедески („Атлантик група“) и Мартина Далиќ („Подравка“) од Хрватска, Душан Шешок („Искра“) од Словенија, Сенад Џамбиќ („Бинго“) и Петар Ќорлука („Виолета“) од Босна и Херцеговина, како и Драган Бокан („Воли“) од Црна Гора.

Најнови вести од: Македонија

ОКТА ги пушти во употреба првите системи за батериско складирање на енергија, означувајќи нова пресвртница во својата транзиција кон одржлива енергија

ОКТА отвора ново поглавје во својата енергетска транзиција со пуштањето во употреба на првите два контејнери за батериско складирање на енергија, со моќност од 4 MW, како дел од планираниот проект за батериско складирање. Интегриран со фотоволтаична централа на компанијата со инсталирана моќност од 12 MW, новиот систем овозможува електричната енергија произведена од обновливи извори да се складира и да се користи во периоди кога побарувачката и пазарните услови се најоптимални.

ТАВ Аеродроми: Меѓународниот Аеродром Скопје официјално ја доби наградата ASQ за „Најпријатно аеродромско искуство во Европа“ на Глобалниот самит за патничко искуство на ACI во Истанбул

Меѓународниот Аеродром Скопје, управуван од ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми и членка на Групацијата АДП, официјално ја доби престижната награда за квалитет на аеродромски услуги (ASQ) за 2025 година во категоријата „Најпријатно аеродромско искуство во Европа“ од Меѓународниот совет на аеродроми (ACI World). Наградата беше доделена за време на Глобалниот самит за патничко искуство на ACI што се одржа во Истанбул на 2 септември 2026 година.

To top