Жената која беше снимена како фрла отпадоци во реката Лепенец е идентификувана и санкционирана од полицијата. Од МВР информираат дека денеска, 17 септември, во 11:45 часот, во Полициската станица од општа надлежност Карпош била повикана М.И.Б. (38) од Скопје, во врска со видеоснимките објавени на социјалните мрежи.
На снимките се гледа како непознато женско лице со патничко возило „порше“, на улицата „Скупи“, кај мостот на реката Лепенец, фрла отпадоци во реката.
По преземените мерки и активности, полицијата го утврдила идентитетот на жената, која била повикана во полициската станица, каде што со неа бил извршен службен разговор. По документирањето на случајот, на М.И.Б. ѝ бил изготвен платен налог согласно член 14 став 1 од Законот за јавна чистота поради фрлање амбалажа надвор од местата определени за таа намена.
Дополнително, бил составен записник со платен налог согласно член 63 став 6 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата поради непрописно паркирање на патничкото возило на коловозна лента.