Македонија

Мицкоски: Вистинските патриоти не се предаваат

Одложено дејство на уставните измени како решение

Премиерот Христијан Мицкоски од Вашингтон порача дека нема да се повлече од разговорите со Бугарија за деблокирање на европскиот пат на Македонија. Повторно го постави условот уставните измени да бидат усвоени сега, но да стапат во сила дури откако ќе завршат преговорите за членство во Европската Унија.

Во разговор во Атлантскиот совет, Мицкоски оцени дека прекинувањето на дијалогот би испратило погрешна порака и би ја довело земјата во изолација.

„Не можеме да се повлечеме од разговорите, бидејќи тогаш ќе испратиме многу погрешна порака и ќе се изолираме. Вистинските патриоти водат битки и победуваат, не се предаваат“, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека ќе продолжи да разговара за надминување на спорот, и покрај несогласувањата со Софија околу условите за продолжување на пристапните преговори.

Пред Атлантскиот совет, премиерот повторно оцени дека Македонија во изминатите две и пол децении исполнувала серија политички услови кои, според него, не биле дел од пристапниот процес на претходните земји членки. Како примери ги посочи промената на името и сегашното барање за уставни измени.

Според него, проблемот е што нема гаранција дека внесувањето на Бугарите во Уставот ќе биде последното билатерално прашање кое ќе го блокира процесот.

Мицкоски повторно ја отвори можноста уставните измени да бидат изгласани во Собранието, но со одложено дејство – да почнат да важат откако Македонија ќе ги заврши пристапните преговори со ЕУ и договорот за членство ќе биде ратификуван од сите земји членки. Според него, таквиот механизам би претставувал гаранција дека сегашниот услов е последната политичка пречка од овој тип.

Актуелната европска рамка, сепак, предвидува уставните измени да бидат направени пред отворањето на следната фаза од пристапните преговори. За нивно усвојување во Собранието е потребно двотретинско мнозинство.

Премиерот ја обвини претходната власт дека ја презела обврската за уставни измени иако немала потребно мнозинство во парламентот. Тој потсети дека ВМРО-ДПМНЕ уште како опозиција предупредувала дека таквиот договор може повторно да го блокира европскиот процес.

Во исто време, Мицкоски ја повтори определбата дека Македонија останува на европскиот пат и дека Владата нема намера да се изолира од разговорите со Брисел и Софија.

„Јас никогаш нема да се предадам и никогаш нема да се повлечам од каков било разговор. Ќе продолжиме да разговараме“, рече Мицкоски.

Разговорот во Атлантскиот совет беше дел од посетата на владината делегација на Вашингтон. Темите вклучуваа евроинтеграции, стратешкото партнерство со САД, безбедноста, инвестициите и позицијата на Македонија како членка на НАТО.

Пред заминувањето во САД, Мицкоски најави дека Владата нема да ја менува позицијата околу спорот со Бугарија и дека на американските партнери ќе им ја објаснува потребата од гаранции дека по евентуалните уставни измени нема да следуваат нови билатерални услови.

Најнови вести од: Македонија

Аларм: Секое 10-то дете во Македонија изложено на сексуална злоупотреба на интернет

Секое десетто дете во Македонија на возраст од 12 до 17 години коешто користело интернет било изложено на сексуална експлоатација и злоупотреба. Станува збор за околу 12.000 деца, бројка што ја потврдува и последното истражување на УНИЦЕФ.

(Видео): Проблемот со кравите во Крива Паланка стигна до Обвинителството – Општината поднесе кривични пријави

Крива Паланка, заедно со жителите од засегнатите села, поднесоа неколку кривични пријави до Обвинителството поради институционално непостапување по извршни решенија за одземање на добитокот што слободно шета во градот и пошироко.

УКИМ не платил сметки за струја, ако не се плати долгот – факултетите ќе останат во мрак

Дел од државните факултети и Ректоратот од утринава се во мрак поради неплатени сметки за електрична енергија. Ова за Телма го потврдија и од ЕВН. Без струја останаа Машинскиот, Електротехничкиот, Природно – математичкиот, земјоделскиот факултет, но и зградата на Ректоратот.

Велковски: Во владина постапка се измените на Законот за детска заштита, од 2027 поголема поддршка за децата со посебни потреби

Измените на Законот за детска заштита веќе се во владина процедура, каде се предвидува зголемување на постоечките државни износи за поддршка, со посебен фокус на децата со посебни потреби, изјави министерот за труд и социјална политика и млади, Ѓоко Велковски одговарајќи на пратенички прашања во Собранието, нагласувајќи дека се очекува овие измени брзо да ја поминат собраниската процедура и од 1 јануари 2027 година децата од оваа категорија да добијат зголемени средства.

Николоски: Од 1 јануари 2027 државата ќе биде единствен организатор на интернет-игрите на среќа и ВЛТ терминалите

Владата останува на ставот за ограничување на игрите на среќа и веќе презеде конкретни законски мерки со кои се намалуваат можностите за нивно организирање, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, одговарајќи на пратеничко прашање на Јована Мојсоска од Левица поврзано со работењето на Државна лотарија, односно дали Владата ќе иницира разрешување на директорот на Државна лотарија, Александар Климовски, како и дали ќе биде затворена платформата за онлајн коцкање „Мегавин“.

To top