Македонија

Одбележан Денот на Општина Ѓорче Петров – со почит кон минатото и визија за иднината

Одбележувањето на Деновите на Општина Ѓорче Петров продолжува вечерва и утревечер во реонскиот парк со уметничко-забавна програма за сите генерации.

Со положување цвеќе на споменикот на патронот Ѓорче Петров и со свечена седница на Советот, општината денеска го одбележа својот празник – Денот на Општина Ѓорче Петров.

Пред споменикот на Ѓорче Петров бројни делегации положија цвеќе и оддадоа почит кон ликот и делото на македонскиот револуционер, просветител, учител и историчар, чие име со гордост го носи општината.

По положувањето цвеќе одржана беше свечената седница на Советот на Општина Ѓорче Петров, на која беше одбележано значењето на празникот, но и постигнатото во изминатиот период, со посебен акцент на проектите и инвестициите што придонесуваат за подобрување на условите за живот на граѓаните.

– Ѓорче Петров не е само име на нашата општина. Тој е дел од нашата историја, нашето наследство и вредностите што не обврзуваат и денес. Нашата обврска е на секоја следна генерација да ѝ оставиме подобро Ѓорче Петров од она што сме го наследиле – рече градоначалникот Александар Стојкоски во своето обраќање пред присутните.

Во изминатиот период, нагласи Стојкоски, Општина Ѓорче Петров реализираше бројни инфраструктурни, образовни, социјални и спортски проекти.

– Особено значаен е инвестицискиот циклус реализиран преку проектот „Ѓорче Петров без кал“, во рамки на кој се реконструираа и уредија над 300 улици, се подобруваше патната инфраструктура и се создаваа подобри услови за секојдневно движење на граѓаните. Паралелно со инфраструктурниот развој, општината инвестира во образованието и грижата за најмладите. Започната е доградба на основните училишта „Јоаким Крчовски“, „Страшо Пинџур“ и „Димитар Поп Георгиев – Беровски“-подрачно, со што се создаваат услови за зголемување на училишните капацитети и воведување едносменска настава – истакна Стојкоски.

Во Волково, додаде, отворен е нов објект за најмладите, започна изградбата на нова детска градинка во Стопански Двор, а се реализираат активности и за изградба на нова образовна институција од ваков вид во Дексион.

Во областа на спортот изградени се нови спортски терени и реконструирани постојните, додека во Хром е изградена нова училишна спортска сала, со што учениците добиваат современи услови за спорт и рекреација.

Посебно место во развојот на општината имаат и проектите од социјалната сфера, меѓу кои Регионалниот центар во Кучково за деца кои го победиле канцерот, како и Центарот за дневен престој и индивидуален третман за деца и млади со попреченост.

Претседателката на Советот на Општина Ѓорче Петров Бранкица Дуковски во своето обраќање се осврна на одлуките донесени на Совет кои носат подобар живот за сите граѓани, наведувајќи ги финансиската поддршка за првооделенците, деветооделенците, учениците со попреченост, поддршката за потомците на бранителите, како и низа други мерки кои го олеснуваат секојдневието на жителите на Ѓорче Петров.

На седницата на Советот беа доделени и плакети, дипломи и признанија за најуспешните ученици во повеќе области. Добитник на годишната награда на Општина Ѓорче Петров е поранешниот градоначалник Сокол Митровски.

Одбележувањето на Деновите на Општина Ѓорче Петров продолжува вечерва и утревечер во реонскиот парк со уметничко-забавна програма за сите генерации.

Најнови вести од: Македонија

Обвинителството – обвинителката на потег

Од Обвинителството велат дека за еден дел од наводите веќе е поднесено обвинение, а за другите наводи се проверува дали постои сомнеж за сторено кривично дело. Од наодите во последниот извештај на Државниот завод за ревизија може да се заклучи дека во периодот од 2022 до септември 2024 се работело главно на уништување на компанијата.

Како вештачката интелигенција би можела да го уништи човештвото?!

Во најцрните сценарија, вештачката интелигенција може да се користи за развој на смртоносни патогени и поразорни оружја. Но, ова не значи дека нè чека ваква иднина, туку ова се само потенцијални ризици, а не сигурни предвидувања.

(Фото): Нови можности за соработка, инвестиции и размена на искуства – ИНОВА ги поврзува македонскиот и израелскиот иновациски екосистем

ИНОВА ја цени поддршката и институционалната координација од страна на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија во реализацијата на посетата, како и придонесот на Општина Кавадарци, градоначалникот Митко Јанчев и М6 Едукативниот центар во успешното реализирање на програмата и срдечното гостопримство кон израелската делегација.

To top