Македонија

Модернизирана наставна програма од оваа учебна година во стручните училишта

Првата генерација ученици во средните стручни училишта ќе стекнува знаења од областа на СТЕМ, зелените технологии и дигиталните вештини

Околу 10.800 ученици запишани во прва година во средните стручни училишта се првата генерација што ќе учи според модернизирани наставни програми. Во нив се интегрирани СТЕМ-компетенции, зелени технологии и дигитални вештини.

Реформата во стручното образование предвидува младите, покрај стручните знаења, да стекнуваат и компетенции поврзани со технолошките промени, зелената транзиција и барањата на современиот пазар на труд.

За реализација на новите програми обучени се 569 наставници, а изработени се и нови наставни материјали. Министерството за образование и наука наведува дека е зајакната и соработката со приватниот сектор, со цел учениците да добијат повеќе практични знаења и вештини што ќе им овозможат полесно приспособување на промените во професиите.

Промените опфаќаат различни стручни подрачја. Учениците од економските струки ќе изучуваат модели на зелени бизниси и одржливи иновации. Во угостителско-туристичките струки ќе се обработуваат начини за намалување на отпадот од храна и примена на одржливи практики. Зелените и дигиталните компетенции ќе бидат вклучени и во останатите струки, за да се обезбедат пошироки, применливи знаења.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска оцени дека модернизацијата на стручното образование треба да им овозможи на младите да стекнат вештини неопходни за професионален развој, а на компаниите да им обезбеди кадар подготвен за иновации и новите барања на пазарот. Новите програми треба да го поттикнат развојот на техничкото знаење, способноста за решавање проблеми, иновативноста и приспособливоста на учениците.

Најнови вести од: Македонија

To top