Спорт

Трстена за Рустемовски: Вакви спортисти треба да се поддржуваат и финансираат

Олимпискиот првак во борење од Лос Анџелес 1984 бара државата да застане зад „бронзениот“ од ЕП во бокс во Софија

Македонскиот спортист на 20. век Шабан Трстена побара државата целосно да застане зад освојувачот на бронзениот медал на Европското првенство во бокс во Софија, Ален Рустемовски.

„ВАКВИ СПОРТИСТИ ТРЕБА ДА СЕ ПОДДРЖУВААТ И ФИНАНСИРААТ!
Спортистите кои покажуваат талент, работа, дисциплина и конкретни резултати треба да бидат поддржани, помогнати и финансиски стимулирани, бидејќи само така можат да стигнат до врвот на европскиот и светскиот спорт.
Пред 20 години Вели Мумин го освои првиот бронзен медал за независна Македонија на Европско првенство за сениори во бокс.
А денес, по 20 години, се раѓа едно ново име во македонскиот бокс Ален Рустемовски од Битола.
Од година во година, ова момче оди чекор напред и ја докажува својата вредност со резултати и освоени медали. Минатата година освои бронзен медал на Европското првенство за млади, а оваа година продолжи уште посилно.
Пред само неколку недели освои бронзен медал на Медитеранските игри во Таранто, Италија, а сега пишува уште една значајна страница во својата спортска кариера.
Ален и неговите тренери не заминале на Европското првенство за да се прошетаат или да се фотографираат. Тие заминале подготвени и напорно тренирани, со една јасна цел, ДА ПОБЕДУВААТ И ДА ОСВОЈАТ МЕДАЛ!
И резултатите најдобро зборуваат за тоа.
Со три победи, Ален Рустемовски веќе го обезбеди својот прв медал на Европско првенство во сениорска конкуренција.
Така се создава вистински спортист, чекор по чекор, борба по борба, победа по победа! Така еден млад спортист самиот ја пишува историјата на својата сениорска кариера.
Спортистите со боречко срце секогаш ќе ја имаат мојата почит, бидејќи и јас самиот бев боречки спортист и многу добро знам колку труд, болка, пот и жртва се кријат зад секој освоен медал“, напиша на Фејсбук олимпискиот шампион во борење слободен стил од Лос Анџелес 1984.

Најнови вести од: Спорт

To top