Хроника

Тошковски: Целта не е само заплена, туку откривање на луѓето, структурите и паричните текови зад трговијата со дрога

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во Полициската академија во Скопје се обрати на отворањето на обуката за истраги и кривично гонење на кривични дела поврзани со дроги, во организација на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC), со поддршка на Амбасадата на Соединетите Американски Држави. Обуката е дел од проектот за поддршка на спроведувањето на Националната стратегија за дроги и е насочена кон унапредување на капацитетите за спроведување сложени истраги преку поврзување на криминалистичките и финансиските истраги, одземањето имот и примената на посебни истражни техники.

На отворањето присуствуваа и Каролајн Р. Боденхеген, директор во Бирото за меѓународни прашања поврзани со наркотици и спроведување на законот (INL), и Данило Рици, регионален претставник на UNODC за Југоисточна Европа. Во своето обраќање, министерот Тошковски истакна дека борбата против трговијата со дрога е еден од клучните приоритети на Министерството за внатрешни работи и дека досегашните операции ја потврдуваат определбата за одлучно справување со овој вид криминал.

„Годината ја започнавме со откривање на над 10 килограми кокаин, за да продолжиме со една од најголемите операции каде беа одземени над 40 тони марихуана и канабис-биомаса, а во одделни акции беа запленети дополнително 150 и 65 килограми марихуана, па сè до последната акција минатата недела кога откривме 680 килограми стебла канабис. Дополнително реализирани се повеќе случаи поврзани со хероин, синтетички дроги, вклучително амфетамин, метамфетамин и МДМА“, истакна Тошковски

Министерот нагласи дека следниот чекор е натамошно унапредување на истрагите, така што полициското постапување нема да завршува само со откривање и заплена на дрогата, туку ќе биде насочено и кон лицата, криминалните структури и финансиските текови што стојат зад недозволената трговија. „Нашата цел е овие активности да продолжат со уште поголема ефикасност и да бидат насочени не само кон заплената на дрогата, туку и кон откривање на лицата, структурите и финансиските текови што стојат зад нејзината трговија. Тоа бара силна меѓународна соработка, навремена размена на информации и заедничко дејствување“, потенцираше министерот Тошковски.

Тој изрази благодарност за континуираната поддршка од Соединетите Американски Држави во јакнењето на институционалните и оперативните капацитети на Министерството, како и до UNODC за реализацијата на проектот и воспоставената соработка во борбата против организираниот криминал. Тошковски им порача на полициските службеници и истражители кои учествуваат на обуката дека ја имаат целосната институционална поддршка на раководството на Министерството во спроведувањето на сложените истраги поврзани со трговијата со дрога. „Министерството за внатрешни работи, како и јас лично, стоиме целосно зад активностите насочени кон зајакнување на соработката и одлучно справување со трговијата со дрога и организираниот криминал“, порача Тошковски.

Обуката претставува продолжение на активностите за продлабочување на соработката меѓу Министерството за внатрешни работи, UNODC и меѓународните партнери, со фокус на практични знаења и современи истражни методи потребни за поефикасно откривање и кривично гонење на организираните криминални структури поврзани со недозволената трговија со дрога.

Најнови вести од: Хроника

To top