Македонија

Рекордни 15 илјади и 50 тркачи од 63 држави на „Виз ер“ Скопскиот маратон!

Главниот град на Република Македонија денеска повторно пулсираше во ритамот на трчањето. На 22. издание на Виз Ер Скопскиот маратон, рекордни 15.050 тркачи од 63 земји ги исполнија улиците на градот, а долж патеката ги следеше публика од сите генерации, која со аплаузи и бодрење беше со нив од првите метри до целта. Сонцето, насмевките и доброто расположение го претворија денот во вистинска прослава на трчањето, со Скопје во центарот на една голема спортска приказна.

На маратонот, Кенија ги освои првото и второто место во машка конкуренција, со Дерик Чеге Нјороге на врвот со време од 2:12:56 и Едвин Кимару Косгеј на второто место со 2:13:20. Трет беше македонскиот маратонец Дарио Ивановски, кој истрча 2:13:48.

Кај жените, Кенијките ги освоија сите три места на подиумот, а Долфин Кемунто Нјагака со време од 2:32:05 постави нов рекорд во женска конкуренција. Втора беше Мерси Џебичии Кипкемои со 2:39:39, а третото место ѝ припадна на Естер Чесанг Какури со 2:40:18.

Кенија го презеде врвот и на полумаратонот, каде што нејзините натпреварувачки ги освоија сите три места во женска конкуренција. Победата ја однесе Валентин Џебет со 1:13:15, пред Чарен Чепкепмои со 1:15:08 и Нанси Гитаига со 1:17:24.

Во машка конкуренција, исто така, на подиумот се најдоа исклучиво кенијски тркачи: најбрз беше Кенеди Кипкемои Роно со 1:05:26, втор Хилари Киптум Мајјао Кимајо со 1:06:11, а трет Џон Њугуна Курија со 1:06:59.

На најкратката трка, на 5 километри, домашните натпреварувачи го освоија врвот во двете конкуренции. Кај мажите, најбрз беше Андреј Арсов со 16:28, пред Гилман Јунуза со 16:35, додека третото место му припадна на Швеѓанецот Фредрих Урбон со 16:43.

Во женска конкуренција триумфираше Хајдари Ирма со 19:43, втора беше Емили Ивановска со 20:53, а третото место го освои Црногорката Лана Ивковиќ со 21:00.

Но, денешниот маратон не го одбележаа само резултатите. Скопските улици беа полни со учесници на маратонот, полумаратонот, трката на 5 километри и ЕУ фор Спорт штафетната трка.

Се трчаше во друштво, со семејството и пријателите, но и покрај илјадници луѓе со кои учесниците можеби за првпат се сретнаа токму денес. Меѓу нив имаше искусни маратонци, рекреативци, учесници од сите генерации, но и бројни странски гости и туристи кои викендот во Скопје го искористија и за да бидат дел од маратонот и да го почувствуваат градот во неговото најраздвижено издание.

Долж патеката тркачите имаа поддршка на секој чекор – од освежителни станици со вода, електролити и овошје, до места за дополнување енергија и медицинска помош. Музичките точки и настапите низ градот дополнително го подигнаа расположението, па патеката беше исполнета со музика, аплаузи и бодрење. За непречено одвивање на маратонот се погрижија и бројните волонтери, кои беа со тркачите од стартот до целта и се грижеа за нивното освежување и поддршка во текот на трката.

Сонцето, полните улици и публиката која не штедеше глас беа дел од сликата на денешното скопско утро. Од најмладите до највозрасните, од домашните тркачи до гостите од десетици земји, сите беа дел од истата атмосфера и истото движење низ градот.

За многумина, денешниот ден не беше само прашање на време и пласман, туку можност да ја истрчаат својата трка, да го почувствуваат Скопје на поинаков начин и да стигнат до целта со поддршката од луѓето покрај патеката.

Со рекорден број учесници и тркачи од 63 земји, 22. Виз Ер Скопскиот маратон уште еднаш покажа дека е ден кога спортот, дружењето и добрата енергија го освојуваат градот.

Најнови вести од: Македонија

Јотова: Бугарија останува отворена за дијалог, но разговорите мора да бидат без ултиматуми!

Од Бугарија, државата која ѝ испостави на Македонија во изминатиот период безброј ултиматуми да ги прифати нејзините „европски“ уцени околу „бугарските корени на македонскиот народ и јазик“, сега доаѓа став дека не прифаќа „ултиматуми од Македонија во разговорите“?!

Нови сомнежи и реакции околу „останките од она, што е можеби цар Самуил“, кои Грција ѝ го испорача на Бугарија!

Повеќе од илјада години од неговата смрт македонскиот цар Самуил е повторно во средиштето на светската јавност. По византиските хроничари, македонскиот средновековен владетел сега е цел на вниманието и на современите медиуми, откако на Бугарија ѝ се вратени некои останки, кои му се припишуваат нему, иако за тоа нема никаквви идентификациски и други сигурни докази.

Михаилов: Граѓаните да не купуваат дрва од дрвокрадците по пониски цени, оти тоа значи директна поддршка за нив!

Граѓаните да не купуваат дрва од дрвокрадците по пониски цени, овој повик го упати заменик директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов. Тој посочува дека ваквата набавка на дрва од страна на граѓаните значи и директна поддршка на дрвокрадците, кои ги пустошат македонските шуми.

Димитриевски: ЗНАМ поддржува средба и разговор со Бугарија, но без отстапки околу македонскиот идентитет и јазик

Македонија има европска определба, но и јасно поставени црвени линии кога станува збор за македонскиот идентитет, јазик и култура. Ставот што ЗНАМ го застапува е и став на Владата и државна позиција на Македонија, нагласи претседателот на Движењето ЗНАМ Максим Димитриевски на денешната средба со граѓани во Гостивар.

To top