Во интервју за телевизија Сител, претедателката остро реагираше на тврдењата дека нема никаква закана по македонскиот јазик и идентитет.
„Сите што тврдат дека нема закана, нека ја отворат преговарачката рамка“, порача Сиљановска-Давкова. Во неа, нагласи, е внесена издвоената изјава на Бугарија за македонскиот јазик.
– Точно е дека ЕУ вели дека нема проблем со македонскиот јазик, меѓутоа ако, спротивно на сите меѓународни норми во 21 век, од оние во Обединетите нации, влезе во една преговарачка рамка една ваква изјава, зошто да не се сомневам јас во заканата, затоа што зошто инаку би се инсистирало на вакво нешто? – праша претседателката.
Според неа, спорот не се сведува само на јазикот. Тој задира и во други идентитетски прашања.
– Ако нема проблем, извинете, тогаш што е прашањето врзано со Бугарите? Зар не е тоа идентитетско прашање? Кој досега преговарал во ЕУ за идентитет? Што е историјата ако не е идентитет? Што е културата ако не е идентитет? – додаде таа.
Сиљановска-Давкова истакна дека Македонија не треба да настапува надвор без претходно усогласена позиција дома за прашањата од национален интерес. Иако во секоја демократија постојат разлики меѓу власта и опозицијата, во некои земји тие зборуваат со еден глас кон надвор, дури и кога не се на страната на вистината.
– Почнавме ние, ако се сеќавате, преку средби, да создаваме една атмосфера. Јас не знам колку пати сум рекла дека не се оди надвор без да се постигне консензус дома и без да има договор – говорам за прашања од национален интерес – рече претседателката.
На прашањето дали во тие разговори бил вклучен и предлогот за уставни измени со одложено дејство, таа одговори дека конкретно за такво решение не се разговарало. Целта била да се изгради унифицирана позиција. Процесот, сепак, бил прекинат откако претставници на опозицијата престанале да доаѓаат на средбите.
– Околу консензусот приказната се прекина среде. Зошто? Бидејќи лидерот тогаш на Социјалдемократскиот сојуз отиде во Брисел и по враќањето почна да зборува гласно дека не гледа никакви проблеми, дека нема никаква закана по идентитетот – заклучи Сиљановска-Давкова.